Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 3:1-15

Естира 3:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа царот Ксеркс го возвеличи Вугеецот Аман, син Амадатов, го воздигна и го постави престолот негов погоре од престолите на сите свои кнезови; и сите слуги на царот, кај царската порта се поклонуваа и паѓаа ничкум пред Аман, бидејќи така беше запо­ведал царот. Но Мардохеј не му се поклонуваше и не паѓаше на колена. И му говореа на Мардохеј царските слуги кај царската порта: „Зошто ја кршиш царевата заповед?“ Но иако му говореа така секој ден, тој сепак не ги слушаше. Тогаш му ја­вија на Аман, да видат ќе остане ли на зборот свој Мардохеј, бидејќи им беше рекол дека е Јудеец. Откако виде Аман дека Мардохеј не се поклонува и не паѓа ничкум пред него, се исполни со гнев. Но тој помисли дека не е добро да става рака само на Мардохеј; но бидејќи му рекоа, од кој народ е Мардохеј, Аман намисли да ги истреби сите Јудејци во целото Ксерксово царство, како народ на Мардохеј. Па свика совет во првиот месец, односно месецот нисан, во дванаесеттата година од владеењето на царот Ксеркс, и фрлаа ждрепка пред Аман од ден на ден и од месец на месец, и падна ждрепката на тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец, односно месецот адар кога требаше да го погубат Мар­дохеевиот народ. И Аман му рече на царот Ксеркс: „Има еден народ, распрснат меѓу народите по сите краишта на твоето цар­ство; законите нивни се разликуваат од законите на сите народи, и царските закони тие не ги исполнуваат; па не треба царот така и да ги остави. Ако му е на царот угодно, нека заповеда да бидат истребени, и десет илјади кикари сребро ќе измерам за да бидат внесени во царската ризница.“ Тогаш царот го извади од раката прстенот свој и му го даде на Вугеецот Аман, синот Амадатов за да стави печат на повелбата против Јудејците. И му рече царот на Аман: „Ти го предавам тебе тоа сребро и народот; прави со нив што сакаш.“ И беа свикани царските писари во првиот месец, во тринаесеттиот негов ден, и беше напишано, како што заповеда Аман, до царските намесници на секоја област, до кнезовите на секој народ, – на секоја област со неј­зиното писмо, и до секој народ на јазикот не­гов: сѐ беше напишано од името на царот Ксеркс и потврдено со печатот од царскиот прстен. И беа испратени писма преку брзоодци до сите царски области за да бидат убиени, погубени и истребени си­те Јудејци, од најголем до најмал, деца и жени, во еден ден, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, месец адар, и имотот нивен да биде разграбен. Препис од писмото да се испрати до секоја област, како закон, што им се објавува на сите народи за да бидат спремни за оној ден. Брзоодците тргнаа брзо со царската заповед. Повелбата беше објавена и во престолнината Суза: а царот и Аман седеа и пиеја, а градот Суза беше вознемирен.

Естира 3:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По тие настани, царот Ахасвер го унапреди Амана, синот Амедатин, Агагеец: го возвиши, и неговиот престол го постави над сите други достоинственици, кои беа со него. Сите цареви службеници, кои се наоѓаа при царевата врата, се поклонуваа и коленичеа пред Амана, зашто царот нареди така. Но Мардохеј не се поклонуваше ниту коленичеше. Царевите службеници кои се наоѓаа при царската врата, му рекоа на Мардохеј: „Зошто ја престапуваш царевата заповед?“ Иако тие му го повторуваа тоа секој ден, тој не ги послуша. Тогаш тие му го јавија тоа на Амана за да видат дали вреди Мардохеевото оправдување. Зашто им рече дека е Евреин. Кога Аман утврди дека Мардохеј ниту му се поклонува ниту коленичи пред него, се налути силно. А кога научи на кој народ му припаѓа, му се стори премалку да ги подигне рацете против самиот Мардохеј, туку науми да ги погуби со него и сите Евреи, кои живееја во сето Ахасверово царство. Во првиот месец, односно во месецот нисан, во дванаесетата година на Ахасверовото царување, во присуство на Аман фрлија „фур“, односно жрепка, за да ги утврдат денот и месецот. Жрепката падна на тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар. И Аман му кажа на царот Ахасвер: „Во сите покраини на твоето царство има еден народ, распрснат сред другите народи и одвоен од нив. Неговите закони се инакви од законите на сите други народи. Тие не ги пазат царските одредби. Затоа царот не смее да ги остави на мир. Ако му е по волја на царот нека се распише за да бидат убиени тие; а јас ќе им избројам десет илјади србрени таланти во рацете на поверениците, за да ги внесат во царската ризница.“ Потоа царот го извади печатниот прстен од раката и му го предаде на Амана, синот Амедатин, Агагеец, непријател на Евреите, и му кажа: „Нека ти бидат сребрениците и народот, па направи со нив што ќе биде добро во твоите очи.“ Во тринаесеттиот ден на првиот месец беа свикани царевите писари, па составија писма за она што наложи Аман и им ги упати на царските намесници, на управителите што стоеја на чело на поодделни покраини, на кнезовите на секој одделен народ, на секоја покраина со нејзиното писмо и на секој народ на неговиот јазик. Писмата се напишани во царево име и врз нив е удрен царевиот печат. По брзоодците им беа испратени на сите цареви покраини посланија за да бидат сите Евреи, од децата до старците, децата и жените, уништени, погубени, истребени, а нивните имоти да бидат запленети во еден единствен ден, и тоа во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, на месецот адар. Содржината на оваа наредба, што имаше да стане закон во секоја покраина, им беше објавена на сите народи, за да бидат подготвени за тој ден. Гласниците тргнаа брзо со царевата заповед. Указот беше објавен и во тврдината на Шуша, па додека царот и Аман седеа и се честеа, градот Шуша беше вознемирен.