Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 1:1-9

Естира 1:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тоа беше за време на владеењето на Ксеркс, – оној Ксеркс кој царуваше над сто дваесет и седум области од Индија до Етиопија, – во тоа време, кога царот Ксеркс седеше на својот царски престол што е во престолнината Суза, во третата година на своето царување, тој приреди гозба за сите свои кнезови и слуги, за главните војводи на персиската и на мидиската војска и на своите обласни управници, покажувајќи ги во текот на цели сто и осумдесет дена големото богатство на царството свое и големиот сјај на своето величие. Откако завршија тие денови, царот приреди за народот свој, кој се наоѓаше во Суза, од најголем до најмал, седум­дневна гозба во тремот на градината на царскиот дворец. Бели памучни и виолетови волнени завеси, прицврстени со ленени и пурпурни врвци, за сребрени алки, висеа на мермерните столбови. Има­ше златни и сребрени легла послани на подот, од зелен, бел, жолт и црвен мермер. Напивките се служеа во златни разнообразни чаши; а царско вино има­ше во изобилие, според богатството на царот. Пиењето беше слободно: без при­силување, бидејќи царот им беше запо­ведал на сите свои управници на домот да постапуваат според волјата на секој. И царицата Астина исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Ксеркс.

Естира 1:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во времето на Ахасвер, на оној Ахасвер, кој владееше над сто и дваесет покраини од Индија до Етиопија. Во тоа време, додека царот седеше на престолот на своето царство во тврдината на градот Шуша, во третата година на своето царување, тој даде гозба за своите кнезови и службеници. Така се најдоа пред него заповедници на персиската и мидијската војска, првенците и покраинските управители. Полни сто и осумдесет денови, тој ги покажуваше богатството и славата на своето царство и величествениот блесок на својата величина. Кога помина тоа време, царот даде во градинскиот трем на својот дворец, седмодневна гозба за сиот народ, кој се наоѓаше во тврдината на градот Шуша, од најголемиот до најмалиот. Завеси од најубав лен, од волна, од отворено црвено сукно беа прицврстени со врвци од љубичесто и од црвено сукно на сребрени прстења на столбовите од бел мермер. На подот од зелен и од бел мермер, од бисери и од бесцени камења, се наоѓаа постели од сребро и злато. За пијачка служеа со златни чаши сѐ една од друга различни, а вино имаше царски изобилно, како што ѝ личи на царската сила. Се пиеше по некое правило но не присилно, зашто царот им нареди на сите надгледувачи на својот дворец да постапуваат со секого според неговата желба. И царицата Астина даде гозба за жените во царскиот дворец на царот Ахасвер.