Ефесјаните 6:10-19
Ефесјаните 6:10-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ. Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на Ѓаволот. Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори. Затоа целосно облечете го Божјиот оклоп. Така ќе можете да издржите во зло време, па откако борбата ќе заврши, ќе останете цврсто исправени. Бидете непоколебливи, препашани со појасот на вистината, облечени со штитникот на праведноста, обуени и подготвени непоколебливо да чекорите, носејќи ја Радосната вест што донесува мир. Со сето ова, понесете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги сопрете и угасите сите огнени стрели на Злиот. Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјото Слово. Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани. Молете се и за мене, кога ќе отворам уста, Бог да ми даде зборови смело да проповедам за тајната на Радосната вест
Ефесјаните 6:10-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Браќа, засилувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство; зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите. И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на праведноста, и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир. А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо! Со секаква молитва и молба во секоја пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрајност и молитва за сите светии, и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Евангелието
Ефесјаните 6:10-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Најпосле, јакнете во Господа и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да им се спротивставите на измамите на ѓаволот. Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места. Затоа земете го сето Божјо оружје, за да можете да се браните во лош ден и откако ќе свршите сѐ, да се одржите! И така, стојте цврсто! Препашани со вистината преку бедрата, облечени во оклопот на правдата, обујте ги нозете со ревноста за Евангелието на мирот! При сѐ тоа земете го штитот на верата, со кого ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на нечестивиот! Земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот - кој е Божјото слово, со секаква просба и молитва, молете се во Духот во секое време, и заради тоа бдејте со сето постојанство и со молба за сите свети и за мене, да ми се даде слово кога ќе ја отворам устата, за да можам да ја соопштувам смело тајната на Евангелието