Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 5:22-33

Ефесјаните 5:22-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ, зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело, па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи. Истото важи и за вас мажите. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа, за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово, да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана. Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе. Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата. А ние сме органи во Неговото тело - Црквата. Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело.“ Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата. Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг.

Ефесјаните 5:22-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ, зашто мажот е глава на жената, ка­ко што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црк­вата и се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. И така, мажите се должни да ги са­каат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намра­зил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата, бидејќи ние сме делови на Неговото тело. „Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело.“ Оваа тајна е голема. Но јас ви збо­рувам за Христос и за Црквата. И така, секој од вас да си ја сака же­ната своја, како што се сака самиот себе, а жената да го почитува мажот свој.

Ефесјаните 5:22-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос Глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото! И како што Црквата Му се покорува на Христа, така да им бидат и жените покорни во сѐ на своите мажи. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото, и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна. Така и мажите се должни да ги љубат своите жени како своите тела. Кој ја љуби својата жена, се љуби себеси. Зашто никој никогаш не го замразил своето тело. Но го храни и го стоплува како и Христос Црквата. Зашто, ние сме членови на Неговото Тело - од Неговото месо и Неговите коски. “Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело.“ Оваа тајна е голема - а јас зборувам гледајќи на Христос и на Црквата. И така, секој од вас да ја љуби својата жена како себеси, а жената да го почитува својот маж.