Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 4:21-32

Ефесјаните 4:21-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус. Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама. Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување. Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени. Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината, бидејќи сме органи на едно исто тело. „Не гневете се во толкава мера та да грешите!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден! Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува! Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош. Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза. Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето. Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло. Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос.

Ефесјаните 4:21-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – дека вистината е во Исус, тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно жи­ве­ење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска пра­ведност и светост. Поради тоа, откако ја отфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг. Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш; и не давајте му место на ѓаволот. Крадецот да не краде веќе, туку не­ка се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат. И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето. Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба. Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос.

Ефесјаните 4:21-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса; во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, и да се обновувате во духот на својот ум, и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината. Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други! Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, и не давајте му место на ѓаволот! Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба! Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, - каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите. И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба. Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.