Ефесјаните 4:12-16
Ефесјаните 4:12-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело, се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос. Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата. Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос. Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов.
Ефесјаните 4:12-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота, та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда. Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос. Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.
Ефесјаните 4:12-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди. Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сѐ - кон Него, Кој е Глава, Христос. Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов.