Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 4:11-32

Ефесјаните 4:11-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители. Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело, се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос. Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата. Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос. Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов. Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови. Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени. Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи. Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете. Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус. Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама. Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување. Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени. Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината, бидејќи сме органи на едно исто тело. „Не гневете се во толкава мера та да грешите!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден! Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува! Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош. Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза. Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето. Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло. Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос.

Ефесјаните 4:11-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовести­тели, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во де­лото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота, та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лаж­ните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда. Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос. Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов. Ова, пак, го зборувам и сведочам во Господ; да не живеете повеќе како што живеат и другите незнабошци, по суетата на својот ум; помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради нивното незна­ење и тврдокорноста на нивното срце; дојдени до бесчувство, тие се пре­да­доа на разврат и ненаситно вршат се­каква нечистота. Но вие не Го познавте така Хрис­тос, ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – дека вистината е во Исус, тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно жи­ве­ење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска пра­ведност и светост. Поради тоа, откако ја отфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг. Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш; и не давајте му место на ѓаволот. Крадецот да не краде веќе, туку не­ка се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат. И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето. Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба. Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос.

Ефесјаните 4:11-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди. Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сѐ - кон Него, Кој е Глава, Христос. Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов. Ова го велам и сведочам во Господа, да не живеете веќе како што одат народите во суетата на својот ум, помрачени во својот разум, оттуѓени се од Божјиот живот, заради незнаењето кое владее во нив, заради закоравеноста на нивното срце. Откако го изгубија чувството, тие ѝ се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост. А вие не Го познавте така Христа, ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса; во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, и да се обновувате во духот на својот ум, и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината. Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други! Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, и не давајте му место на ѓаволот! Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба! Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, - каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите. И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба. Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.