Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 4:1-16

Ефесјаните 4:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Затоа ве молам, јас кој сум затвореник поради тоа што проповедам за Господ, да живеете живот достоен за луѓе што се повикани, одбрани од Бог. Да бидете понизни, кротки и трпеливи. Да се толерирате меѓусебно и да се сакате. Трудете се да ги зачувате единството, меѓусебната поврзаност и мирот што ви ги дава Светиот Дух. Сите ние сме дел од едно исто тело, сите го имаме истиот Божји Дух, и кога бевте одбрани да бидете Божји народ, вам ви беше дадена една иста надеж. Постои само еден Господ, само една вера, само едно крштавање. Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите. Но Христос секого од нас го надарил со разновидна дарба, како што Тој милувал. Затоа Светото Писмо вели: „Кога се вознесе во висините, зеде со Себе многу затвореници и им даде дарови на луѓето.“ Што значи тоа „кога се вознесе“? Тоа подразбира дека Тој прво слезе до најдолните предели на Земјата. Тој што слезе е истиот Оној што се издигна високо над сите неба, а тоа е Христос, за да може да ја исполни целата вселена и да владее со неа. Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители. Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело, се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос. Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата. Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос. Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов.

Ефесјаните 4:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа, јас, затвореник во Господ, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани, со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на ваше­то звање. Еден Господ, една вера и едно крш­тение, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас. А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Хрис­тов. Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.“ А што означува „издигајќи се“, ако не тоа дека Тој слезе пред тоа во најдолните места на земјата. Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ. И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовести­тели, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во де­лото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота, та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лаж­ните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда. Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос. Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.

Ефесјаните 4:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа ве молам, јас затвореник во Господа, да живеете достојно според звањето во кое сте повикани: со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов! Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот. Едно тело и еден Дух, како што сте и вие повикани во една надеж на вашето звање; еден Господ, една вера и едно крштавање; еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, и преку сите и во сите. А секому од нас му е дадена благодатта според мерката на Христовиот дар. Затоа се вели: „Издигајќи се на височина, поведе робје; им даде дарови на луѓето.“ А „се издигна“ - што значи друго, туку дека слегол во долните места на земјата? Тој Кој слезе, тоа е Оној истиот, Кој се издигна над сите небеса, за да исполни сѐ. И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди. Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сѐ - кон Него, Кој е Глава, Христос. Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов.