Ефесјаните 3:7-12
Ефесјаните 3:7-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила. Мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – да им го проповедам на незнабошците неискажливото богатство Христово, и да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сѐ преку Исус Христос, та многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни, според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Господ, во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме со доверба.
Ефесјаните 3:7-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Бог беше многу милостив и благонаклонет спрема мене. Неговата сила ми даде дарба и задача да ја ширам Радосната вест. Спрема мене, најмалку достојниот од сите Божји избраници, Бог беше благонаклонет и ме одбра да им ја проповедам Радосната вест на нееврејските народи, веста дека им стојат на располагање неисцрпни богатства, се по заслуга на Христос. Бог, Создателот на се што постои, ме одбра да им го објаснувам на сите луѓе Божјиот план, што со векови беше скриен во Неговиот ум. Целта беше преку формирањето на Црквата да им се покаже на сите владетели и власти во небесните простори дека Бог има многустрана мудрост. Сето тоа беше во согласност со Божјиот вечен план, што се оствари преку нашиот Господ Исус Христос. Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог.
Ефесјаните 3:7-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
на кое му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми е дадена според дејството на Неговата сила. На мене - најмалиот од сите свети - ми е дадена оваа благодат: да им го навестувам на народите Евангелието на неистражливото Христово богатство и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога - Создателот на сѐ; та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места, според вечната намера, која ја оствари во Христа Исуса, нашиот Господ, во Кого имаме смелост и пристап кон Бога, полни со доверба - преку верата во Него.