Ефесјаните 3:12-21
Ефесјаните 3:12-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради страдањата низ кои сега јас минувам. Тие ќе бидат за ваша полза, за ваша слава. Кога само ќе помислам на Божјата мудрост и на Неговиот план, на колена паѓам пред небесниот Татко, Создателот на секој род, и на небото и на Земјата. Го молам Бога, од Својата огромна слава, преку Неговиот дух, да ви даде внатрешна сила, за да бидете непоколебливи. Христос, преку вера, да се всели во вашите срца. Да пуштите корени и цврсто да се закрепите во Божјата љубов, за да бидете способни, заедно со сите побожни луѓе, да сфатите колку широка и долга, колку висока и длабока е Неговата љубов. Да ја искусите таа несфатливо голема љубов и така целосно да се исполните со сета полнота што доаѓа од Бог. А сега на Бог, Кој со Својата делотворна моќ може да направи за нас многу повеќе од она што можеме да го посакаме или замислиме, нека Му биде оддавана слава преку Црквата и преку Христос Исус, во сите поколенија и за вечни времиња! Амин!
Ефесјаните 3:12-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме со доверба. Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава. Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на небесата и на земјата, да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја. А на Оној Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сѐ што ќе побараме или помислиме, Нему нека е слава во Црквата преку Исус Христос во сите родови и за сите векови. Амин!
Ефесјаните 3:12-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
во Кого имаме смелост и пристап кон Бога, полни со доверба - преку верата во Него. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате заради моите неволји, што ме снајдоа заради вас; тие се ваша слава. Заради тоа ги преклонувам своите колена пред Таткото на нашиот Господ Исус Христос, од Кого секој род на небесата и на земјата добива име; да ви даде, според богатството на Својата слава - да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота. А на Оној, Кој со Својата сила, што дејствува во нас, може да направи прекумерно над сѐ што ние молиме или мислиме - Нему нека е слава во Црквата и во Христа Исуса на сите поколенија од века до века! Амин!