Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 3:1-13

Ефесјаните 3:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Токму поради тоа што ви проповедам за Исус Христос и вам кои не сте Евреи, јас, Павле, сега лежам в затвор. Вие сигурно сте слушнале дека Бог ми ја довери задачата да ви ја проповедам Неговата милост и љубов спрема вас, неевреите. Тој ми го откри и објасни Неговиот таен план. (За тоа порано накратко ви пишував, и можете да прочитате, за да дознаете како ми беше откриена тајната за Христос.) На претходните поколенија таа тајна не им беше објавена. Бог сега, преку Светиот Дух, им ја откри на Неговите свети апостоли и пророци. Од Радосната вест дознаваме дека тајната е во тоа што по заслуга на Исус Христос и нееврејските народи се соучесници во ветувањата што ги даде Бог, сонаследници со Евреите и органи на истото тело. Бог беше многу милостив и благонаклонет спрема мене. Неговата сила ми даде дарба и задача да ја ширам Радосната вест. Спрема мене, најмалку достојниот од сите Божји избраници, Бог беше благонаклонет и ме одбра да им ја проповедам Радосната вест на нееврејските народи, веста дека им стојат на располагање неисцрпни богатства, се по заслуга на Христос. Бог, Создателот на се што постои, ме одбра да им го објаснувам на сите луѓе Божјиот план, што со векови беше скриен во Неговиот ум. Целта беше преку формирањето на Црквата да им се покаже на сите владетели и власти во небесните простори дека Бог има многустрана мудрост. Сето тоа беше во согласност со Божјиот вечен план, што се оствари преку нашиот Господ Исус Христос. Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради страдањата низ кои сега јас минувам. Тие ќе бидат за ваша полза, за ваша слава.

Ефесјаните 3:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исус Христос за вас незнабошците. Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас, односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и по­го­ре ви напишав накратко. Читајќи го тоа, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христос, која, на синовите човечки од по­ра­нешните поколенија не им беше објавена како што сега се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Светиот Дух, за да бидат и незнабошците сонас­ледници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христос Исус преку Евангелието, на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила. Мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – да им го про­по­ве­дам на незнабошците неискажливото богатство Христово, и да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сѐ преку Исус Христос, та многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на на­чалствата и властите небесни, според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Гос­под, во Кого, преку верата во Него, има­ме слобода да се доближуваме со доверба. Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава.

Ефесјаните 3:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа јас, Павле, сум затвореник на Христа Исуса за вас народите, само ако сте чуле за управителството на Божјата благодат, која ми е дадена за вас; дека по откровение ми е соопштена тајната, како што порано пишав накратко. Читајќи оттаму можете да го разберете моето сфаќање на тајната на Христа, која што во другите поколенија не им беше кажана на човечките синови, како што сега преку Духот им е откриена на Неговите свети апостоли и пророци: дека народите се сонаследници и припадници на истото тело, и заедничари на Неговото ветување во Христа Исуса, преку Евангелието, на кое му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми е дадена според дејството на Неговата сила. На мене - најмалиот од сите свети - ми е дадена оваа благодат: да им го навестувам на народите Евангелието на неистражливото Христово богатство и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога - Создателот на сѐ; та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места, според вечната намера, која ја оствари во Христа Исуса, нашиот Господ, во Кого имаме смелост и пристап кон Бога, полни со доверба - преку верата во Него. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате заради моите неволји, што ме снајдоа заради вас; тие се ваша слава.