Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 2:11-22

Ефесјаните 2:11-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрезани“. Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог. Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас. Христос е Тој што не помири, Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели. Со Својата смрт Христос му стави крај на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир. Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ. Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу. Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото. Затоа сега вие не сте веќе туѓинци и странци, туку сограѓани на Божјиот народ и членови на Божјото семејство. И вие сте изградени врз темелите што ги поставија апостолите и пророците, а Христос е ваш потпорен камен. Тој целата градба ја држи цврсто поврзана и ја претвора во свет храм на нашиот Господ. Соединети со Него, и вие сте дел од духовната градба во која живее Бог.

Ефесјаните 2:11-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од таканаречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце, дека во она време бевте без Хрис­тос, отстранети од општеството на Из­раел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив, откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на запо­ве­дите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе. И, откако дојде, Тој ви благовести мир вам далечни и блиски, зашто преку него и едните и дру­ги­те имаме пристап кај Отецот во еден Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.

Ефесјаните 2:11-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа спомнувајте си, дека вие, кои некогаш бевте незнабошци по тело, и наречувани необрезани од оние, кои се наречуваа обрезани, и кои се тоа по телото, по човечко дело; во она време бевте без Христа, оттуѓени од израелското општество, и туѓи на заветите на ветувањето, без надеж и без Бога во светот. А сега во Христа Исуса, вие кои некогаш бевте далеку, станавте близу преку Христовата крв. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двете направи едно, и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше, и во Своето тело го уништи непријателството и законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, од двата да создаде во Себе еден нов човек, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уби врз него непријателството. Тој дојде да ви проповеда мир на вас, кои бевте далеку и мир на оние, кои беа близу: зашто преку Него, и едните и другите, имаме пристап при Таткото во еден Дух. Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога, надѕидани врз основата на апостолите и пророците, а аголниот камен е Самиот Христос Исус, врз Кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господа, врз кого и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божјо живеалиште.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност