Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 2:1-22

Ефесјаните 2:1-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Порано и вие бевте мртви, вечно осудени од вашите престапи и гревови. Живеевте грешно, онака како што живее и останатиот свет. Му се покорувавте на Ѓаволот, на оној што владее со силите во воздухот, на духот што и сега владее во оние што не Му се покоруваат на Бог. Сите ние порано живеевме така. Се раководевме од нашите телесни страсти, го правевме она што го сака нашата грешна природа, преку телото и умот. Со таквата наша природа ние бевме подложни на Божјиот гнев, како и другите луѓе. Но Бог е толку полн со милост, толку е голема љубовта што ја чувствува спрема нас, така што уште додека бевме мртви, удавени во нашите гревови, Тој не врати во живот. Со тоа што го воскресна Христос, ни овозможи и нам да оживееме. Вашето спасение е резултат на Божјата благонаклоност, која никој од нас не ја заслужува. Значи, заедно со Исус Христос, Бог не воскресна и нас, и ни даде место на небото, веднаш до Исус, затоа што сме во единство со Него. Тоа го стори за да бидеме пример во времињата што доаѓаат за Неговата огромна благонаклоност, што се покажа преку сето она што Тој го стори за нас, кои сме на страната на Исус Христос. Бог, кога поверувавте, ве спаси поради Својата милостива благонаклоност спрема вас. Спасението не е по ваша заслуга, тоа е Божји дар. Никој не го заработил, па да може да се фали. Ние сме Божјо совршено, врвно дело. Создадени сме преку Исус Христос, за да живееме живот исполнет со добри дела, што Бог уште одамна ги испланирал за нашите животи. Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрезани“. Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог. Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас. Христос е Тој што не помири, Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели. Со Својата смрт Христос му стави крај на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир. Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ. Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу. Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото. Затоа сега вие не сте веќе туѓинци и странци, туку сограѓани на Божјиот народ и членови на Божјото семејство. И вие сте изградени врз темелите што ги поставија апостолите и пророците, а Христос е ваш потпорен камен. Тој целата градба ја држи цврсто поврзана и ја претвора во свет храм на нашиот Господ. Соединети со Него, и вие сте дел од духовната градба во која живее Бог.

Ефесјаните 2:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои живеевте некогаш според жи­вотот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието, меѓу кои и ние сите некогаш жи­ве­евме според телесните желби, из­вр­шу­вајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и други­те, чеда на гневот. Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христос и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус. Зашто по благодат сте спасени пре­ку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали не­кој. Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив. Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од таканаречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце, дека во она време бевте без Хрис­тос, отстранети од општеството на Из­раел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив, откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на запо­ве­дите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе. И, откако дојде, Тој ви благовести мир вам далечни и блиски, зашто преку него и едните и дру­ги­те имаме пристап кај Отецот во еден Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.

Ефесјаните 2:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои живеевте некогаш според векот на овој свет, според кнезот на воздушните сили - духот, кој дејствува сега меѓу синовите на непокорноста. Меѓу овие, и ние живеевме некогаш во своите телесни страсти, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите и бевме по природа чеда на гневот како и сите други. Но Бог, Кој е богат во милост - поради Својата голема љубов со која нѐ возљуби нас, нѐ оживе заедно со Христа и нас, кои бевме мртви поради нашите гревови, - по благодат сте спасени! - и со Него нѐ воскресна и со Него нѐ седна во небесните места, во Христа Исуса, та, во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса. Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој. Имено, Негово дело сме, создадени во Христа Исуса, за добри дела, кои Бог ги подготви однапред, за да живееме во нив. Затоа спомнувајте си, дека вие, кои некогаш бевте незнабошци по тело, и наречувани необрезани од оние, кои се наречуваа обрезани, и кои се тоа по телото, по човечко дело; во она време бевте без Христа, оттуѓени од израелското општество, и туѓи на заветите на ветувањето, без надеж и без Бога во светот. А сега во Христа Исуса, вие кои некогаш бевте далеку, станавте близу преку Христовата крв. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двете направи едно, и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше, и во Своето тело го уништи непријателството и законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, од двата да создаде во Себе еден нов човек, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уби врз него непријателството. Тој дојде да ви проповеда мир на вас, кои бевте далеку и мир на оние, кои беа близу: зашто преку Него, и едните и другите, имаме пристап при Таткото во еден Дух. Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога, надѕидани врз основата на апостолите и пророците, а аголниот камен е Самиот Христос Исус, врз Кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господа, врз кого и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божјо живеалиште.