Ефесјаните 1:15-23
Ефесјаните 1:15-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани и во моите молитви постојано Му благодарам на Бог за вас. Го молам Бога, Славниот Татко на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде духовна мудрост и да ви открие се за Себе, за да Го запознаете целосно. Се молам вашите срца да бидат просветлени, за да согледате каква прекрасна иднина им е ветена на повиканите, да разберете какво богато и величествено наследство има Бог за Својот свет народ, колку е огромна силата со која Тој работи за нас кои Му веруваме. Таа сила е истата онаа моќна сила со која Тој Го воскресна Христос од мртвите и Му Го додели почесното место на небото, од Својата десна страна. Христос е високо над сите владетели и власти, над сите сили и господари, над секого, не само во овој свет, туку и во идниот. Бог се стави под власт на Христос и Го постави за Господар над се, во полза на Црквата. Црквата е Христовото тело, таа е исполнета со Христос, Кој со своето присуство исполнува се и насекаде.
Ефесјаните 1:15-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии, постојано Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои, та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за да Го познаете, и да ги просвети очите на срцата ваши за да увидите во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Тој ја покажа во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сѐ во сѐ.
Ефесјаните 1:15-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа и јас, откако чув за вашата вера во Господа Исуса и за вашата љубов кон сите свети, не прекратувам да заблагодарувам за вас, спомнувајќи ве во своите молитви, та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение во вистинското познавање на Него: и да ги избистри очите на вашето срце, за да знаете каква е надежта на Неговото повикување, колкаво е богатството на Неговото славно наследство во светите, и колку е преголема Неговата сила кон нас, кои веруваме - според дејствувањето на Неговата моќна сила; чие дејство го покажа во Христа, кога Го воскресна од мртвите и Го постави оддесно на Себеси во небесните места, далеку над секое началство, и власт, и сила, и господство и над секое име, кое се спомнува не само во овој свет, туку и во идниот. И сѐ Му покори под Неговите нозе, а Него Го постави за Глава над сѐ на Црквата, која е Негово Тело - полнота на Оној, Кој исполнува сѐ во сѐ.