Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Проповедник 3:9-22

Проповедник 3:9-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Каква полза има оној што работи од она, над што се труди? Ги видов работите, што Бог им ги даде на синовите човечки, за да се ма­чат околу нив. Сето тоа Тој го направил да биде прекрасно во свое време. Ни дал и чув­ство за времето и просторот, но пак не може човекот да ги разбере докрај делата Божји што Тој ги врши од почетокот до крајот. Разбрав дека за нив нема ништо по­добро, освен да се веселат и да прават добро во текот на животот свој. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји. Разбрав дека сѐ што прави Господ останува засекогаш; кон тоа нема што да се додава, од тоа нема што да се одзема; а Бог прави така, за да се има страв пред лицето Негово. Она што било, тоа е и сега, и она што ќе биде, тоа веќе било, – зашто Бог го враќа она што изминало. И уште видов под сонцето: наместо закон – беззаконие; наместо правда – неправда. И си реков во срцето свое: „Пра­ведниот и безбожниот Бог ќе ги суди, бидејќи таму има време за секоја работа и суд за секое дело.“ Си реков во срцето свое и за си­новите човечки – дека Бог ќе ги испита, и ќе им покаже дека тие сами по себе се животни, зашто сѐ што се случува со сино­вите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат ед­ните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и човекот нема предимство пред добитокот, зашто – сѐ е суета! Сѐ оди на едно место: сѐ произлегува од земјата, и сѐ ќе се врати во земјата. Кој знае: дали духот на синовите човечки се качува горе, а духот на жи­вотните слегува долу, во земјата? И така, јас видов дека нема ништо подобро за човекот, освен да се насладува со делата свои, бидејќи тоа е негов дел; зашто, кој ќе го доведе после да го погледа она, што ќе биде по него?

Проповедник 3:9-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Која е ползата на работникот од неговиот труд? Ја видов таа грижа, што Бог им ја даде на човечките синови, за да се трудат во тоа. Сѐ што прави Тој е прекрасно во свое време; им ја всадил вечноста во нивните срца, иако човек не може да ги постигне делата што Бог ги прави од почеток до крај. Знам дека нема друга среќа за човекот освен да се весели и да прави добро за време на својот живот. И кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар. И знам дека сѐ што прави Бог, останува довека. На тоа не може ништо да му се додаде, ниту може да му се одземе; а Бог прави така за да имаат стравопочитување од Него. Што суштествува, веќе било, и што ќе биде, веќе суштествувало; а Бог го обновува она што помина. Уште гледам дека под сонцето: местото на судот, а таму - беззаконие и место правда - таму неправда. Реков во своето срце: „Бог ќе им суди и на праведникот и на злосторникот зашто тука има време за секакво нешто и за секое дело: реков во своето срце: „Луѓето се однесуваат така, што Бог може да покаже какви се навистина, дека се едни за други како ѕверови,“ Зашто навистина, кобта на луѓето и ѕверовите е една и иста. Како гинат едните, така гинат и другите; и дишат со еднаков здив, и човекот со ништо не го надминува ѕверот, зашто сѐ е суета. И едните и другите заминуваат на исто место; сите станаа од прав и се враќаат во правот. Кој знае дали човечкиот дух се искачува горе, а духот на ѕверот слегува долу во земјата? Согледувам дека нема друга среќа за човекот освен радоста во своето дело, зашто тоа му припаѓа, а кој ќе го доведе до тоа да дознае што ќе биде после него?

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност