Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 8:1-18

Повторени закони 8:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Сите заповеди, што денес ви ги кажувам, настојувајте да ги исполнувате, за да бидете живи и да се на­множите, и да влезете и да ја наследите земјата, која Господ со заклетва им ја вети на вашите предци. И помни го целиот пат, по кој те водеше Господ, твојот Бог, по пустината еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не. Тој те смируваше, те мачеше со глад и те хранеше со мана, што ти не ја знаеше, а не ја знаеја ни твоите предци, за да ти покаже дека човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата Господова; облеката твоја не изветве на тебе, и ногата твоја не отече, еве веќе чети­риесет години. И знај во срцето свое дека Господ, твојот Бог, те поучува како што таткото го поучува синот свој. Затоа почитувај ги заповедите на Господ, твојот Бог, оди по патиштата Негови и плаши се од Него. Зашто Господ, твојот Бог, те води во добра земја; во земја каде што има извори и езера, а од планините и доли­ните, течат потоци; во земја на пченица, јачмен, лозја, смокви и калинки; во земја, каде што има маслиново масло и мед; во земја, каде што ќе го јадеш лебот свој без недостаток и од ништо нема да имаш потреба, во земја, каде што камењата се железо, а од планините ќе ко­паш бакар. И кога ќе јадеш и ќе се наситуваш, благословувај Го Господа, твојот Бог, за добрата земја, што ти ја даде. Гледај да не Го заборавиш Господа, твојот Бог, не почитувајќи ги запо­ве­дите Негови, законите Негови и наредбите Негови, што денес ти ги кажувам. Кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, и ќе изградиш убави куќи и ќе се вселиш во нив, кога ќе ти се намножи крупниот и ситниот добиток, и кога се збогатиш со многу сребро и злато, и од сѐ ќе имаш во изобилие, гледај, да не се возгордее срцето твое, та да заборавиш на Господ, твојот Бог, Кој те изведе од египетската земја, од домот на ропството; Кој те преведе преку големата и страшна пустина, каде што има отровни змии и скорпии, и суви места, во кои нема вода; Кој ти извади вода од гра­нитна карпа; те хранеше во пустината со мана, која татковците твои не ја знаеја, за да те смири и да те искуша, па да ти направи потоа добро, и за да не кажеш во срцето свое: „Мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство.“ Но да Го помниш Господа, твојот Бог, зашто Тој ти даде сила за да се здобиеш со богатство, за да го исполни, како денес, Својот завет, кој со заклетва го беше потврдил на твоите предци.

Повторени закони 8:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Пазете ги и вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да живеете и за да се размножувате, и за да влезете и ја земете во сопственост земјата што Господ, со заклетва, им ја вети на вашите татковци. Спомнувај си за целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги држиш неговите заповеди или не сакаш. Те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сѐ што излегува од Господовата уста. Твојата облека на тебе не се искина ниту нозете ти отечуваа во овие четириесет години. Тогаш признај во своето срце дека Господ, твојот Бог, те воспитува и те поправува како што човекот го воспитува својот син. И пази ги заповедите на Господа, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и боејќи се од Него! Па Господ, твојот Бог, те води во добра земја: во земја на потоци и извори, на подземни води што извираат во долините и по бреговите; во земја на пченица и јачмен, на винови лози, на смокви и калинки, во земја на мед и маслинки; во земја во која нема да јадеш сиромашки леб, и каде ништо не ќе ти недостасува; во земја каде камењата имаат железо и каде ќе вадиш бакар од нејзините ридови. Ќе јадеш до наситка и ќе Го благословуваш Господа, својот Бог, заради добрата земја што ти ја даде.“ „Внимавај да не Го заборавиш Господа, својот Бог, занемарувајќи ги Неговите заповеди, Неговите одредби и Неговите закони што ти ги давам денес. И откако ќе се најадеш до ситост, откако ќе изградиш убави куќи и ќе се населиш во нив; кога крупниот и ситниот добиток ќе ти се намножи; кога ќе насобереш сребро и злато, и кога сѐ твое ќе напредува, тогаш немој да се воздигне твоето срце и да Го заборавиш Господа, својот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството; Кој те преведе низ онаа голема и страшна пустина, низ земјата на огнени змии и скорпии, низ сув и безводен крај; Кој ти извади вода од цврста карпа; Кој те хранеше во пустината со мана, непозната на твоите татковци, за да те смири и за да те испита па да бидеш среќен на крај. Тогаш не вели во своето срце: ‘Со својата моќ и со силата на своите раце го спечалив ова богатство.’ Спомни си за Господа, својот Бог! Па Тој ти даде сила да го спечалиш богатството, за да го исполни така - како денес - Својот Завет, за кој им се заколна на твоите татковци.