Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 5:1-17

Повторени закони 5:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Мојсеј го свика сиот израелски народ и му рече: „Слушај ги, израелски народе, наредбите и законите што ти ги кажувам денес во ушите твои, научи ги и труди се да ги исполнуваш. Господ, нашиот Бог, склучи со нас завет на Хорив. Тој завет Господ не го склучи со нашите татковци, туку со нас, кои сме сега тука сите живи. Лице в лице ви говореше Господ вам на планината од огнот: јас, пак, стоев меѓу Господ и меѓу вас во тоа време, за да ви ги пренесувам зборовите Господови, бидејќи вие се плашевте од огнот и не излеговте на планината. Тој тогаш рече: ‚Јас сум Господ, твојот Бог, Кој те изведов од египетската земја, од домот на ропството; да немаш други богови освен Мене! Не прави идоли и никакви ликови на она, што е на небото горе, и што е на земјата долу, и што е во водите под земјата, не им се поклонувај и не им служи; зашто Јас сум Господ, Бог твој, Бог ревнител, кој, за гревот на татковците што Ме мразат ги казнувам децата, до третото и четвртото колено, и Кој покажува милост до илјадници поколенија кон оние, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои. Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог; зашто Господ, твојот Бог, нема да го остави неказнет оној, кој го употребува Неговото име напраз­но! Пази го саботниот ден, за да ти биде свет, како што ти заповедал Господ, твојот Бог; шест дена работи и врши ги сите работи, а седмиот ден е сабота на Господ, твојот Бог: не врши никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни робот твој, ни робинката твоја, ни волот твој, ни магарето твое, ниту друг твој добиток, ниту дојденецот што е кај тебе, за да си почине робот твој и ро­бинката твоја, како и ти. И запомни дека ти беше роб во еги­петската земја, но Господ, твојот Бог, те изведе оттаму со силна и долга рака; затоа и ти заповеда Господ, твојот Бог, да го почитуваш саботниот ден. Почитувај ги и твојот татко и твојата мајка, како што ти заповеда Господ, твојот Бог, за да живееш долго и да ти биде добро во онаа земја, што ти ја дава Господ, твојот Бог. Не убивај!

Повторени закони 5:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Чуј ги, Израеле, наредбите и заповедите што ви ги кажувам денес во вашите уши! Научете ги и пазете ги, и вршете ги. Господ, нашиот Бог, склучи со нас Завет на Хорив. Господ не го склучи тој Завет со нашите татковци, туку токму со сите нас, кои сме живи денес, тука. Господ зборуваше со вас лице во лице на гората, од средината на огнот. Во тоа време јас стоев меѓу Господа и вас, за да ви ги известам Господовите зборови, зашто вие не сакавте, заради стравот од огнот, да се искачите на гората. Тогаш рече: ‘Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството. Да немаш други богови покрај Мене! Не прави си резан лик ни некаква слика на што и да е горе во небото или долу на земјата, или во водите под земјата. Не клањај им се ниту им служи. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ги казнувам гревовите на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата, на внучињата и на правнучињата, а им искажувам милост на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди. Не земај го напразно името на Господа, својот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној, кој го зема напразно Неговото име. Одржувај го саботниот ден за да го осветуваш, како што ти заповеда Господ, твојот Бог. Шест дни работи и извршувај ги сите свои работи. А седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог; не врши во него никаква работа, ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот вол, ни твоето осле, ниту некое твое добиче, ниту придојденикот, кој е во твоите градови; така да може да се одмори и твојот слуга, и твојата слугинка како и ти. Спомни си дека и ти беше роб во Египетската Земја и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, со силна рака и со испружена мишка. Затоа ти заповеда Господ, твојот Бог, да го пазиш саботниот ден. Почитувај ги татка си и мајка си, како што Господ, твојот Бог, ти заповеда, за да живееш долго и за да ти биде добро на земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава. Не убивај!