Колосјаните 3:1-17
Колосјаните 3:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Вие сте воскреснати за да живеете со Христос. Затоа стремете се кон она што е на небото, каде што Христос владее, седнат од Божјата десна страна. Размислувајте за она што е на небото, а не за она што е на Земјата. Вие умревте кога умре Христос, а тоа значи дека вашиот вистински живот е скриен во Христос, кај Бог. А кога ќе се појави Христос, Кој е вашиот вистински живот, тогаш и вие ќе се појавите, закитени со Неговата слава. Затоа, не дозволувајте вашето тело да управува со вас! Умртвете го во вас она што е развратно, гнасно, похотно, зло и алчно. И алчноста е еден вид на идолопоклонство! Ваквите постапки го предизвикуваат Божјиот гнев. Така постапувавте и вие кога вашиот живот беше неуреден. Сега треба да престанете со гнев, омраза и злоба. Престанете да навредувате и да се служите со непристојни зборови. Немојте да лажете. Вие веќе ја соблековте и ја отфрливте вашата стара природа, со нејзините навики, па наместо неа облековте нова природа, која постојано се обновува, колку што подобро Го запознавате Христос, Кој ја создаде новата природа во вас. Не е важно дали сте Грци или Евреи, дали сте обрежани или не, дали сте варвари или Скити, дали сте робови или слободни. Се што е важно е Христос да живее во сите нас! Бог ве сака и ве одбра да бидете Негов свет народ. Затоа, сочувствувајте со луѓето, бидете љубезни спрема нив, бидете скромни, кротки и трпеливи. Толерирајте се, простувајте си кога некој ќе ви згреши. Простувајте си исто како што Господ вам милостиво ви прости. А најважно од се е да бидете исполнети со љубов, зашто меѓусебната љубов сврзува во совршена заедница. Секој од вас е дел од Христовото тело. Треба да бидете сложни и благодарни. Дозволете мирот што доаѓа од Христос да ги води вашите срца. Зборовите на Христос, во сето нивно богатство, нека го исполнуваат вашиот живот. Користете ја сета мудрост што ја имате за да се поучувате и советувате еден со друг. Пејте Му на Бог псалми, химни и духовни песни, пејте Му со благодарност и од се срце. Се што ќе кажете или ќе направите, правете го како претставници на Господ Исус, оддавајќи Му преку Него благодарност на Бог Таткото.
Колосјаните 3:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете за небесното, а не за земното. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава. Затоа умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство! Поради тие пороци доаѓа гневот Божји врз синовите на непослушноста, меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци. А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг, зашто веќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател. Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос. И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која сѐ сврзува во совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни! Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господ со благодарност во срцата ваши! И сѐ што правите со збор или со дело, правете го во името на Господ Исус Христос, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!
Колосјаните 3:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, ако воскреснавте со Христа, барајте го она што е горе - каде што Христос седи оддесно на Бога. Мислете за она што е горе, не за она што е на земјата, зашто вие умревте и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога! А кога ќе се јави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава. И така, умртвете ги своите членови што се на земјата: блудството, нечистотата, страста, лошата желба и лакомството, што е идолопоклонство, заради кои доаѓа Божјиот гнев на непослушните синови. Меѓу кои и вие некогаш одевте, кога живеевте во нив. Но сега, отфрлете го и вие сѐ ова: гневот, јароста, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста. Не лажете се еден друг, зашто го соблековте стариот човек со неговите дела и облековте нов, кој се обновува во полно познавање по образот на Оној, Кој го создал, каде нема веќе Грк ни Јудеец, обрезание и необрезание, варварин, Скит, роб, слободен, туку Христос е сѐ и во сѐ. И така, облечете се како Божји избраници, свети и возљубени, во милосрдно срце, благост, смиреност, кротост трпеливост! Трпете се еден со друг и проштавајте си еден на друг, ако некој има поплака против некого, како што и Господ ви прости вам, така проштавајте и вие! А над сето тоа облечете се во љубов, која сврзува сѐ во совршенство! И Христовиот мир да владее во вашите срца, за кого сте и повикани во едно тело; и бидете благодарни! Христовото слово да живее изобилно во вас; во секоја мудрост учете се и опоменувајте се еден друг со псалми, химни, духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодат во вашите срца. И сѐ што правите со збор или дело, правете сѐ во името на Господа Исуса, благодарејќи Му на Бог Таткото преку Него.