Колосјаните 1:24-29
Колосјаните 1:24-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Страдам, но се радувам, затоа што знам дека вие од тоа ќе имате корист. Мило ми е што со моето телесно страдање и јас придонесувам кон страдањата на Исус за Црквата, која е Негово тело. Бог ми даде задолжение да и служам на Црквата и ме испрати кај вас да ви ја проповедам Неговата порака, во сета нејзина полнота. Со векови оваа порака беше тајна за луѓето, а сега таа им е објаснета на Неговите свети луѓе. Бог го стори ова бидејќи сакаше вие што не сте Евреи да ја разберете таа прекрасна, величествена тајна: дека Христос живее во вас и заради тоа вие со право се надевате дека ќе имате свој удел во Божјата слава. Ние токму за Христос проповедаме и ја употребуваме сета наша мудрост, за да ги предупредиме и поучиме сите луѓе, па сите да станат зрели Христови следбеници. Затоа јас толку напорно работам, користејќи ја силата што Тој ми ја дава.
Колосјаните 1:24-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата. Нејзе ѝ станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо, тајната, скриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии, на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас. Него ние го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги со сета мудрост, за да го претставуваме секој човек совршен во Христос; затоа се трудам и се борам. Зашто Неговата сила со голема моќ дејствува во мене.
Колосјаните 1:24-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сега се радувам во своите страдања за вас - и во моето тело го дополнувам тоа што им недостига на Христовите маки, за Неговото Тело, Кое е Црквата, на која јас ѝ станав служител, според Божјото управителство, што ми е дадено за вас, за да го исполнам Божјото слово: тајната, која беше сокриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите свети, на кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата. Ние Го проповедаме Него, опоменувајќи го секој човек и учејќи го секој човек во сета мудрост, за да го претставиме секој човек совршен во Христа Исуса. Затоа се трудам и се борам сообразно на Неговата делотворна сила, која дејствува силно во мене.