Колосјаните 1:15-23
Колосјаните 1:15-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Христос е видлива слика на невидливиот Бог. Тој постоеше уште кога Бог ништо не беше создал. Преку Христос Бог ги создаде сите нешта и на небото и на Земјата: тоа што се гледа и тоа што не се гледа, сите престоли и власти, сите владетели и властодршци, се беше создадено преку Него и за Него. Тој постои пред се и ги одржува сите нешта. Христос е глава на Црквата, која е Негово тело. Тој е Почетокот, прв што воскресна од мртвите, зашто Бог одбра во Него во целост да се всели Божјата природа и преку Него да ги помири со Себе сите, било да се на Земјата, или на небото, воспоставувајќи мир преку Својата крв, пролеана на крстот. Тоа ве вклучува и вас што порано бевте отуѓени од Бог и Му бевте непријатели, и во мислите и на дело. Сега, преку телесната смрт на Неговиот Син, Тој ве помири со Себе. Затоа Христос ќе ве претстави пред Бог како свети, непорочни и беспрекорни. Се разбира, ако докрај продолжите да верувате цврсто и непоколебливо, и не отстапите од надежта што ја дава Радосната вест што ја чувте. Јас, Павле, добив задача од Бог да им ја проповедам таа Радосна вест на сите луѓе под небесниот свод.
Колосјаните 1:15-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание; бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е преку Него и за Него создадено. Тој е пред сѐ, и сѐ во Него стои. И Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за да има првенство во сѐ. Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота, и преку Него да измири сѐ со Себе, или земно, или небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст. И вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела, сега ве примири во телото на Неговото тело, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина, само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи од надежта на Евангелието што го чувте, кое е проповедано на секое поднебесно создание, и Кому што јас, Павле, му станав слуга.
Колосјаните 1:15-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание, зашто во Него е создадено сѐ што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сѐ е создадено преку Него и за Него. И Тој е пред сѐ и сѐ во Него има свое сплотување. Тој е и Глава на Телото, на Црквата: Тој е почеток, Првороден од мртвите, за да биде Прв во сѐ, зашто во Него благоволи да се всели сета полнота, и преку Него да измири кон Себе сѐ што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст. И вас, кои бевте некогаш отуѓени и непријатели, во своето мислење и во лошите дела, сега ве измири преку смртта на Неговото човечко тело, за да ве изведе пред Себе: свети, непорочни и без вина, само ако останете во верата засновани и цврсти и непоколебливи во надежта на Евангелието, кое го чувте, кое е проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител.