Дела 4:18-30
Дела 4:18-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име. Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“ Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете! Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови: ,Зошто беснеат паганските народи, луѓето коваат залудни завери? Цареви по Земјата се креваат и владетели се здружуваат, против Господ и против Неговиот Помазаник.‘ Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“
Дела 4:18-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исус. Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: „Просудете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бог; зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле.“ А тие, бидејќи не најдоа ништо со што би можеле да ги казнат, ги заплашија и ги пуштија поради народот; зашто сите Го прославуваа Бога за она што се беше случило. Човекот, пак, над кого се случи тоа чудесно исцеление, имаше повеќе од четириесет години. И кога ги пуштија, тие отидоа кај своите и им јавија што им рекоа првосвештениците и старешините. А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре, Ти Кој си го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив; и Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давид, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи? Се дигнаа царевите земни и кнезовите се собраа заедно против Господ и против Неговиот Помазаник‘. И навистина, се здружија во тој град Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со народот израелски против Твојот Свет Син Исус, Кого си Го помазал Ти, за да го направат она што однапред го беше определила раката Твоја и волјата Твоја – да се збидне. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово, полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да се случуваат чудесни знаци во името на Твојот Свет Син Исус.“
Дела 4:18-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во Исусово име. Но Петар и Јован им рекоа во одговор: „Право ли е пред Бога, да ве слушаме вас повеќе отколку Бога! Судете! Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она, што сме го виделе и чуле.“ И бидејќи не најдоа пат и начин како да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бога, за она што се случи. Човекот, над кого се случи ова чудо на исцелување, имаше повеќе од четириесет години. Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сѐ што им рекоа свештеничките главатари и старешините. А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре! Ти си Бог Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што се наоѓа во нив! Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: ‘Зошто се бунат народите, и зошто племињата замислуваат празни работи? Се дигнаа земските цареви, а кнезовите се здружија против Господа и против Неговиот Помазаник - Христос.’ Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтие Пилат, заедно со народите и со израелските племиња, против Твоето Свето Дете Исус, Кого си Го помазал, за да го направат она што Твојата сила и Твојата волја, однапред, го определила да се збидне. А сега, Господи, погледај на нивните закани, и дај им на Твоите слуги да го проповедаат Твоето Слово сосем смело, протегнувајќи ја при тоа Твојата рака, за да стануваат исцелувања и знаци, и чудеса, преку името на Твоето Свето Дете Исус!“