Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 4:1-28

Дела 4:1-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи. Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите. Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер. Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи. Утредента се состана Народниот совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим. Дојде Првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар, како и сите други роднини на Првосвештеникот. Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“ Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот! Ако денес не испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш, знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите! Исус е Тој за Кого во Светото писмо пишува: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана Камен-темелник.‘ Под целиот небесен свод има само едно име на кое луѓето можат да се повикаат за да се спасат, а тоа е Исус Христос!“ Членовите на Народниот совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дека тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус. Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат. Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието, а тие почнаа да се советуваат: „Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме. Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“ Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име. Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“ Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете! Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови: ,Зошто беснеат паганските народи, луѓето коваат залудни завери? Цареви по Земјата се креваат и владетели се здружуваат, против Господ и против Неговиот Помазаник.‘ Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост.

Дела 4:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И уште додека тие му зборуваа на н­ародот, пристапија кон нив свеш­тениците, старешината на храмот и са­дукеите, огорчени што тие го поучуваат на­ро­дот и навестуваат воскресение на мртвите во името на Исус Христос; и кренаа раце на нив и ги ставија под стража до утрината; зашто се беше веќе завечерило. А мнозина од оние што го слушаа словото, поверуваа; бројот на тие луѓе беше околу пет илјади. Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, првосвештеникот Ана, Кајафа, Јован и Александар, и сите што му при­паѓаа на родот првосвештенички. Откако ги поставија во средината, ги прашаа: „Со каква моќ и во чие име го направивте ова?“ Тогаш Петар, исполнет со Дух Све­ти, им рече: „Началници народни и ста­решини израелски, ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој излекуван, тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израелски, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, Кого Бог Го воскресна од мртвите. Тој е оној камен што од вас ѕи­да­ри­те беше отфрлен, Кој стана камен те­мелник; и во никој друг нема спасение: заш­то под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спа­симе.“ А кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и дознаа дека тоа се неуки и прости луѓе, тие само се восхитуваа. Сфатија дека и тие беа со Исус. Но, гледајќи го излечениот човек како стои со нив, тие немаа што да им возвратат. Затоа им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, па почнаа да се со­ветуваат и да се прашуваат еден со друг, велејќи: „Што да правиме со овие луѓе? Зашто и големото чудо што се случи преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не мо­жеме тоа да го одречеме. Но за да не се разгласува ова по на­родот уште повеќе, строго да ги зап­ла­шиме да не зборуваат повеќе никому во Негово име.“ И кога ги повикаа, им заповедаа во­општо да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исус. Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: „Просудете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе от­колку Бог; зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле.“ А тие, бидејќи не најдоа ништо со што би можеле да ги казнат, ги зап­ла­шија и ги пуштија поради народот; заш­то сите Го прославуваа Бога за она што се беше случило. Човекот, пак, над кого се случи тоа чудесно исцеление, имаше повеќе од четириесет години. И кога ги пуштија, тие отидоа кај своите и им јавија што им рекоа прво­свештениците и старешините. А овие, штом ги ислушаа, едно­душ­но го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре, Ти Кој си го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив; и Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давид, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто беснеат народите и лу­ѓе­то намислуваат празни работи? Се дигнаа царевите земни и кнезо­вите се собраа заедно против Господ и против Неговиот Помазаник‘. И навистина, се здружија во тој град Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со народот израелски против Твојот Свет Син Исус, Кого си Го помазал Ти, за да го направат она што однапред го беше определила раката Твоја и волјата Твоја – да се збидне.

Дела 4:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Додека тие уште му зборуваа на народот, пристапија при нив свештениците, и управителот на Храмот и садукеите, вознемирени поради тоа што го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во Исуса. И ставија раце врз нив и ги фрлија во темницата, до идниот ден, зашто веќе беше вечер. А мнозина од оние, кои го чуја словото, поверуваа, така што бројот на мажите се зголеми до пет илјади. А утреден се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, и првосвештеникот Ана, и Кајафа, и Јован, и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род. И кога ги поставија на средина ги прашаа: „Со каква сила, или во чие име, го направивте тоа?“ Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Народни началници и старешини! Ако денес нѐ испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што е тој исцелен, тогаш да знаете сите вие и сиот Израелски народ: дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас. Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана глава на аголот. Нема спасение ниту во еден друг, ниту има друго име под небото, дадено на луѓето, преку кое мора да се спасиме.“ Кога ја видоа Петровата и Јовановата смелост и забележија дека се некнижевни и неуки луѓе; се чудеа; ги препознаа дека беа со Исуса, но го гледаа исцелениот човек, како стои со нив, па немаа што да им приговорат. Им наредија да излезат од Синедрионот и почнаа да се советуваат меѓу себе: „Што да правиме со овие луѓе? Зашто на сите жители на Ерусалим им е познато дека значајно чудо се случи преку нив, а ние не можеме да го одречеме. Но за да не се разгласи и натаму по народот, да им се заканиме, да не му зборуваат веќе никому во тоа име!“ Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во Исусово име. Но Петар и Јован им рекоа во одговор: „Право ли е пред Бога, да ве слушаме вас повеќе отколку Бога! Судете! Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она, што сме го виделе и чуле.“ И бидејќи не најдоа пат и начин како да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бога, за она што се случи. Човекот, над кого се случи ова чудо на исцелување, имаше повеќе од четириесет години. Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сѐ што им рекоа свештеничките главатари и старешините. А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре! Ти си Бог Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што се наоѓа во нив! Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: ‘Зошто се бунат народите, и зошто племињата замислуваат празни работи? Се дигнаа земските цареви, а кнезовите се здружија против Господа и против Неговиот Помазаник - Христос.’ Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтие Пилат, заедно со народите и со израелските племиња, против Твоето Свето Дете Исус, Кого си Го помазал, за да го направат она што Твојата сила и Твојата волја, однапред, го определила да се збидне.