Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 3:1-26

Дела 3:1-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Еден ден, Петар и Јован се упатија кон храмот. Беше три часот попладне - време за молитва. Токму тогаш донесоа еден човек, сакат во нозете од раѓање, што секојдневно го носеа и го оставаа пред познатата ?Красна порта‘, за да проси милостина од луѓето што доаѓаа во храмот. Кога виде дека Петар и Јован ќе влегуваат во храмот, запроси да му дадат нешто. Петар и Јован го погледнаа и му рекоа: „Погледни не!“ Сакатиот молежливо ги гледаше, очекувајќи милостина. Тогаш Петар му рече: „Немам ни сребреници, ни златници, но тоа што го имам, ти го давам: Во името на Исус Христос од Назарет, стани и ќе проодиш!“ Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите! Скокна, застана на своите нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи Го Бога. Целиот народ го виде како оди и Го слави Бога. Тие знаеја дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи. Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи. Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!? Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи. Се откажавте од Светиот и Праведниот, а побаравте да биде пуштен на слобода еден убиец! Зачетникот на животот Го убивте! Но Бог Го воскресна од мртвите - ние сме живи сведоци за тоа. Овој човек, кого вие добро го познавате, се исцели врз основа на верата во Неговото име. Верата во Исусовото име го оздраве пред вашите очи. Браќа, знам дека вие и вашите водачи го направивте тоа од незнаење, но Бог на тој начин го исполни она што го беше претскажал преку сите пророци: дека Месијата испратен од Него ќе мора да помине низ овие страдања. Затоа покајте се и свртете се кон Бога, за да ви бидат избришани гревовите. Тогаш, присуството на Господ во вашите животи ќе ви донесе освежување и Бог ќе ви Го испрати Месијата Исус, Кој од порано ви беше претскажан. Исус треба да остане на небото, се додека не дојде време Бог да обнови се, како што ни вети уште одамна преку Своите свети пророци. Уште Мојсеј беше претскажал: ,Господ, вашиот Бог, ќе ви издигне од вашиот народ Пророк, како што сум јас. Се што ќе ви каже Тој - слушајте Го! Секој што нема да Го послуша Тој Пророк, ќе биде истребен од Божјиот народ.‘ А и сите пророци, од Самоил и неговите наследници, па наваму, зборуваа токму за ова време. Вие сте потомци на пророците, вие сте тие за кои Бог на вашите предци им даде завет, ветувајќи му на Авраам: ,Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата.‘ Штом Бог Го издигна Својот Слуга, Го испрати прво кај нас, за да ве благослови со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите грешни патишта.“

Дела 3:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еден ден Петар и Јован заедно о­тидоа во храмот во деветтиот час, часот за молитва. Таму имаше еден човек, сакат уште од раѓање. Него го носеа секој ден и го поставуваа пред портата на храмот наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот. Тој, кога ги здогледа Петар и Јован кои сакаа да влезат во храмот, запроси милостина и од нив. А Петар, заедно со Јован, го впери кон него погледот и му рече: „Погледни во нас!“ И тој ги гледаше внимателно, очекувајќи да добие нешто од нив. Но Петар рече: „Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос од Назарет стани и оди!“ И само што го фати за десната рака, го исправи, а нему веднаш му се зац­врс­наа стапалата и глуждовите; па скокна, се исправи и почна да оди. Тогаш влезе во храмот заедно со нив скокајќи и фалејќи Го Бога. И сиот народ го гледаше како оди и како Го слави Бога. Луѓето го познаа дека тој беше оној истиот што седеше пред портата на храмот наречена Красна, поради ми­лос­тина; и беа полни со восхит и вчудоневиденост за она што се случи. И бидејќи оздравениот сакат човек цврсто се држеше за Петар и Јован, кон нив дотрча вчудовиден сиот народ во тремот, наречен Соломонов. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израелци, што се чу­дите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да прооди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави својот Син Исус, Кого вие Го пре­да­дов­те и од Кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и побаравте да ви се ослободи човек убиец, а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите; за тоа сме ние сведоци. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и овој човек пред сите вас. А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и вашите началници. А Бог, она што однапред го навести преку устата на сите пророци Свои, од­носно дека Христос ќе пострада, тоа и го исполни. Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос, Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се воспостави сѐ што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот. Мојсеј им беше рекол на тат­ков­ци­те: ‚Господ Бог ваш од браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте го за сѐ што ќе ви рече!‘ И секој што не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребен од народот. А сите пророци што пророкуваа, од Самоил, па и оние по нив, го навестуваа исто така и ова време. Вие сте синови на пророците и на заветот што Бог го беше направил со вашите предци, велејќи му на Авраам: ‚И во потомството твое ќе бидат благо­словени сите народи на земјата.‘ Бог, откако Го воздигна Својот Слуга, најнапред вам ви Го прати за да ве благослови, та секој од вас да се од­врати од својата злоба.“

Дела 3:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Петар и Јован одеа во Храмот во деветтиот молитвен час, тогаш носеа еден човек, хром од раѓање. Него го поставуваа секој ден пред храмската врата, наречена Красна, за да проси милостина од оние, кои влегуваа во Храмот. Штом ги виде тој Петар и Јован, кога сакаа да влезат во Храмот, запроси да му дадат милостина. А Петар, заедно со Јован, се вгледа во него и му рече: „Погледај нѐ!“ Меѓутоа тој внимаваше на нив, чекајќи само да добие нешто од нив. Но Петар му рече: „Немам ни сребро ни злато, но што имам, тоа ти давам: во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!“ Тогаш го фати за десната рака и го исправи, а нему веднаш му зацврснаа стапалата и глуждовите, па скокна, се исправи и прооди; и со нив влезе во Храмот, скокајќи и фалејќи Го Бога. Така целиот народ го виде како оди и Го фали Бога. И го препознаа дека е тоа оној, кој седеше пред Красната Врата на Храмот поради милостина, и се исполнија со восхит и беа вон себе заради она, што му се случи. А бидејќи тој се држеше за Петар и Јован, сиот зачуден народ се собра околу нив во тремот наречен Соломонов. А кога Петар го виде тоа, му проговори на народот: „Мажи Израелци, зошто се чудите на ова или зошто гледате на нас, како ние со своја сила или побожност направивме овој да оди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на нашите татковци, Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред Пилата, кога тој одлучи да Го ослободи. Вие се одрековте од Светецот и Праведникот, и молевте да ви се подари еден убиец, а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци. И затоа што веруваме во Неговото име, - Неговото име го зацврсти овој, кого го гледате и познавате. А верата до која доаѓаме преку Него, му даде целосно здравје пред сите вас. И сега браќа, знам дека вие како и вашите началници, го направивте тоа од незнаење. Но, Бог на тој начин го исполни тоа, што го навестуваше однапред, преку устата на сите пророци: дека Неговиот Христос ќе пострада. Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување, и да Го испрати Претскажаниот за вас Исуса Христа, Кого небото треба да Го прими до времето, кога ќе биде воспоставено сѐ, за кое Бог зборуваше од древноста преку устата на Своите свети пророци. Зашто Мојсеј рекол: „Господ Бог ќе ви издигне од вашите браќа Пророк - како мене, слушајте Го Него во сѐ што ќе ви рече! А секоја душа, која не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот.“ А и сите пророци од Самоила и натаму - колку што зборуваа - ги навестуваа овие денови. Вие сте синови на пророците и на Заветот, што Бог го склучи со вашите татковци, кога му рече на Авраама: ‘Во твоето Семе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.’ Бог првин вам ви Го воскресна Својот Слуга Исуса и ви Го испрати за да ве благослови, со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите зли дела.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност