Дела 27:21-26
Дела 27:21-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Луѓето веќе долго време немаа апетит и не јадеа. Тогаш стана Павле и им рече: „Требаше да ме послушате и да не испловите од Крит. Така ќе се поштедевте од овие неволи и загуби. Сега ве советувам да се држите храбро, зашто никој од вас нема да загине. Ќе биде уништен само бродот. Минатата ноќ застана крај мене ангел пратен од Бога, Кому јас Му припаѓам и служам, и ми рече: ,Не плаши се, Павле! Ти сигурно ќе стигнеш до императорот, а заради тебе, Бог ќе им ги поштеди животите и на сите што пловат со тебе.‘ Затоа, луѓе, разведрете се! Јас верувам дека тоа што Бог ми го кажа ќе се оствари. Ќе бидеме исфрлени на некој остров, но бродот ќе биде уништен.“
Дела 27:21-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И бидејќи веќе долго време не беа јадени, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избегневме овие маки и штети. А сега ви советувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ. Бидејќи ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам, и рече: ‚Не плаши се, Павле, ти треба да излезеш пред царот; и ете, Господ ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘ Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено. Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“
Дела 27:21-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А после долго нејадење, Павле застана меѓу нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа неволја и штета. И сега ве опоменувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да се изгуби, освен коработ. Зашто ангел од Бога, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска, и рече: „Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе.“ Затоа, мажи, бидете смели! Зашто Му верувам на Бога, дека ќе биде така како што ми е ветено. Но, ние треба да бидеме исфрлени на некој остров.“