Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 26:12-18

Дела 26:12-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и задача од Првосвештениците. Додека патував, Ваше Величество, сред бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и во моите придружници. Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен!‘ ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав, а Господ ми одговори: ,Јас сум Исус, Оној што Го прогонуваш! Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој служител и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам. А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на Сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.‘

Дела 26:12-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

За таа цел одејќи во Дамаск, со власт и порака од првосвештениците, среде бел ден, царе, на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и оние, што одеа со мене. Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше на еврејски ја­зик: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бо­дило.‘ А јас реков: ‚Кој си ти, Господи?‘ Тој одговори: ‚Јас сум Исус, Кого Го го­ниш ти. Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам, издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, кај кои ќе те испратам сега, за да им ги отвориш очите нивни, та да се обратат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘

Дела 26:12-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога за тоа патував во Дамаск со власт и налог од првосвештениците, на сред бел ден, на патот, царе, видов светлина од небото, посилна од сончевиот блесок, која нѐ осветли мене и оние, кои патуваа со мене; и кога сите паднавме на земја, чув глас, кој ми зборуваше на еврејски јазик: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко ти е да се риташ против остенот!’ А јас реков: ‘Кој си Ти Господине?’ Господ рече: ‘Јас сум Исус, Кого Ти го гониш. Но стани и застани на своите нозе; зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се Објавам; избавувајќи те од луѓево и од народите, при кои те праќам сега, за да им ги отвориш очите, и да се обрнат од темнината кон светлината; од сатанската власт кон Бога, и преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.’