Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 22:22-29

Дела 22:22-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Се до овој миг тие го слушаа, но кога го слушнаа последново, почнаа да викаат: „Истребете го овој човек од лицето на земјата! Тој не заслужува да живее!“ Викаа, мавтаа со своите наметки и фрлаа прав во воздухот. Полковникот им нареди на војниците да го внесат Павле во тврдината и да го камшикуваат, за да признае какво злосторство извршил. Сакаше да дознае зошто народот толку гневно вика против него. Кога го врзаа за да го камшикуваат, Павле го праша помладиот офицер што стоеше крај него: „Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, кој за ништо не е осуден!?“ Тогаш помладиот офицер му пријде на полковникот и му рече: „Што ќе правиме сега? Овој човек е римски граѓанин!“ Полковникот отиде кај Павле и го праша: „Вистина ли е дека си римски граѓанин?“ “Да!“ - му одговори Павле. Полковникот му рече: „И јас сум римски граѓанин; за тоа платив голема сума пари!“ Во одговор Павле му рече: „Јас сум римски граѓанин по раѓање!“ Војниците што требаше да го сослушуваат Павле веднаш се повлекоа, а се повлече и полковникот, исплашен што нареди римски граѓанин да биде врзан и камшикуван.

Дела 22:22-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И сѐ до овој збор тие го слушаа, но потоа го издигнаа гласот свој и почнаа да викаат: „Тргни го од земјата таков! Тој не треба да живее!“ И бидејќи тие вревеа, мавтаа со алиштата свои, та креваа прав во воздухот, заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со камшикување, за да дознае зошто така викаат против него. Но, кога го растегнаа со ремења за да го камшикуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: „Зар ви е дозволено да камшикувате римски гра­ѓанин, и тоа без пресуда?“ Кога го слушна тоа стотникот, отиде да го извести заповедникот, па му рече: „Што мислиш да правиш? Овој човек е римски граѓанин!“ Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: „Кажи ми, римски гра­ѓанин ли си ти?“ Тој одговори: „Да.“ А заповедникот рече: „Тоа гра­ѓан­ско право јас сум го стекнал за многу големи пари.“ Павле пак рече: „А јас сум се родил како таков.“ И веднаш отстапија од него оние, кои сакаа да го испитуваат. А заповедникот, кога дозна дека е тој римски гра­ѓанин, се уплаши зашто го беше врзал.

Дела 22:22-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: „Премавни го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!“ Додека тие викаа така, ги мавтаа своите облеки и фрлаа прав во воздухот; заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со биење, за да узнае зошто викаат така против него. А кога го опкружија и врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: „Зар смеете да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?“ Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: „Што сакаш да правиш? Човеков е римски граѓанин!“ Тогаш заповедникот дојде при него и му рече: „Кажи ми, римски граѓанец ли си ти?“ А тој рече: „Да!“ Заповедникот одговори: „Јас го добив тоа граѓанство за многу сребреници.“ А Павле рече: „А јас се родив со него.“ И веднаш отстапија од него, оние кои сакаа да го испитуваат, а заповедникот се уплаши кога узна дека тој е римски граѓанец, зашто го беше врзал.