Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 21:1-14

Дела 21:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме. Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим. Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови. Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареја. Таму отидовме во домот на евангелистот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. Тој имаше четири немажени ќерки, на кои Светиот Дух им беше дал способност да пророкуваат. Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареја, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: ,Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните‘!“ Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареја, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“

Дела 21:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И штотуку се одделивме од нив отпловивме. Пловејќи стигнавме право во Кос, а на вториот ден во Родос, и оттаму во Патара. Таму откако најдовме кораб, кој за­минуваше за Феникија, се качивме и от­пловивме. Штом го наѕревме Кипар и го оста­вив­­ме одлево, запловивме кон Си­рија. Се симнавме во Тир, зашто таму тре­ба­ше коработ да се растовари. И кога ги најдовме учениците, таму останавме седум дена. Тие, поттикнати од Духот, му велеа на Павле да не влегува во Ерусалим. А кога изминаа деновите, излеговме и тргнавме на пат, а сите нѐ испраќаа со жените и децата сѐ до крајот од градот. На брегот, пак, паднавме на колена и се помоливме. И штом се простивме еден со друг, влеговме во коработ, а тие се вратија дома. А ние го завршивме пловењето од Тир и стигнавме во Птолемаида. Таму ги поздравивме браќата и кај нив оста­навме еден ден. Утредента, Павле и ние кои бевме со него, отпатувавме и дојдовме во Ке­са­рија. Таму влеговме во куќата на Филип благовесникот, кој беше еден од седуммината ѓакони, и останавме кај него. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. Ние престојувавме кај нив многу дни. Тогаш од Јудеја слезе еден пророк, по име Агав; и кога дојде кај нас, го зеде Павло­виот појас, па ги врза рацете свои и но­зете и рече: „Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, на кого што му припаѓа овој појас, и ќе го предадат во рацете на нез­набошците.“ Штом го чувме тоа, и ние и та­мош­ните го молевме да не се качува во Еру­салим. Но Павле одговори: „Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус.“ А бидејќи тој не се премисли, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде волјата Господова!“

Дела 21:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога се одделивме од нив и отпловивме право, дојдовме во Кос, а на идниот ден во Родос и оттаму во Патара. И кога најдовме кораб, што заминуваше за Феникија, влеговме во него, и отпловивме. А кога ни се покажа Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари. И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павла да не оди горе во Ерусалим. И кога ги поминавме тие дни, отидовме оттаму и тргнавме натаму; а тие сите нѐ испратија со жените и децата, надвор од градот; а на брегот клекнавме и се помоливме. И кога се простивме едни со други, ние влеговме во бродот, а тие се вратија во своите домови. Завршувајќи го пловењето, од Тир стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и останавме при нив еден ден. А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. Бидејќи престојувавме таму многу дни, еден пророк, по име Агав, дојде од Јудеја. И кога дојде при нас го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‘Човекот, чиј е овој појас, Јудејците, во Ерусалим, така ќе го врзат и ќе го предадат во рацете на народите’.“ Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим. Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.“ И бидејќи не можевме да наговориме, ние молкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!“