Дела 2:14-37
Дела 2:14-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет часот наутро. Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел: ,Во последните денови‘ - вели Бог,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите Мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата - крв и оган и столбови од чад. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘ Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин, Го распнавте на крст и Го убивте. Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. За Него, Давид вели: ?Знам дека Господ е постојано со мене, Тој ми е оддесно - нема да потклекнам! Поради тоа срцето ми е весело, и душата ми се радува; а и телото во надеж ќе ми почива, зашто Ти во гробот нема да ме оставиш, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да доживее распаѓање. Ти ми го објави патот на животот, Твоето присуство ќе ме исполни со радост.‘ Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден. Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос, Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање. Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна, додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“ Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“ Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“
Дела 2:14-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови; овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата – крв, и оган, и чад. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘ Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него, предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи. Зашто Давид за Него вели: ‚Секогаш Го гледав Господ пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж; зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘ Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва дека ќе постави некој од плодот на неговите бедра на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци. И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате. Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги поставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И затоа, нека знае со сигурност сиот Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.“ Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“
Дела 2:14-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Петар стана, со Единаесетмината, и го поткрена гласот и им рече: „Јудејци и сите вие, кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови! Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие - зашто е едвај третиот час на денот - туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил: ’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат. Ќе направам чудеса горе на небото, а знаци долу на земјата; крв и оган и пареа од дим. Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред да дојде великиот и славен Господов ден. И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.’ Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исуса Назареецот со сили, чуда и знаци, што Бог ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете самите. Вие, Него, откако беше предаден според одредената волја и промисла Божја, преку рацете на беззакониците Го распнавте и убивте, но Бог Го ослободи од смртните болки и Го подигна, зашто не беше можно смртта да Го задржи. Зашто Давид вели за Него: ‘Постојано Го гледам Господа пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам. Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; а и моето тело ќе почива во надеж; зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање. Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’ Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден. Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол, предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’ Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци. И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате. Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене; додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’ И така, нека сиот Израелев дом знае веродостојно дека Бог Го направи Господ и Христос, Овој Исус, Кого вие Го распнавте!“ А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петра, и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?“