Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 2:1-13

Дела 2:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога дојде празникот Духовден, сите христијани се собраа на едно место. Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни јазици, како што им даваше способност Светиот Дух. Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик! Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија, во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим (Евреи и прозелити), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“

Дела 2:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто мес­то. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под не­бо­то. Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик. И сите вџашени и восхитени, гово­реа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик? Парти, Мидијци, Еламити и жи­те­лите од Месопотамија, Јудеја и Ка­па­до­кија, од Понт и Азија, Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за го­лемите дела Божји на нашите јазици?“ Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“

Дела 2:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога дојде денот на Педесетница, сите беа заедно на исто место. И одненадеж стана шум од небото, како кога дува силен ветер и ја исполни целата куќа, во која седеа. И им се јавија јазици како од оган, кои се разделија и над секого од нив застана по еден. И тие сите се наполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат. А тогаш се наоѓаа во Ерусалим побожни Јудејци, од сите народи под небото. И кога се чу шумот, се собра народот и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик. Сите се восхитуваа и чудеа, велејќи: „Ете, зар сите што зборуваат не се Галилејци? Тогаш како ние го слушаме секој својот јазик, во кој сме родени? Партјаните, и Мидјаните и Елемитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, Понт и Азија, Фригија и Памфилија, Египет и од краиштата на Ливија, околу Киринија; и Римјаните кои дошле, Јудејците и прозелитите, Критјаните и Арабјаните: ги слушаме како зборуваат на нашите јазици, за големите Божјите дела.“ Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: „Што може да биде ова?“ Други пак се подсмевнуваа и велеа: „Се напиле слатко вино!“