Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 17:22-31

Дела 17:22-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе, зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: ,На непознатиот Бог‘. Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него. Тој Бог го создаде светот и се што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце. Тој нема потреба да Му служите со дарови од вашите раце, бидејќи нема потреба од ништо. На целиот жив свет Тој му дава живот и здив и се што му треба. Сите народи ги создаде од еден човек, ги насели по целата Земја, им определи во кое време ќе постојат и во кои граници ќе бидат нивните живеалишта, за да Го бараат Бога, да допрат до Него и да Го најдат, зашто Тој е близу до секој од нас! Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: ,Ние сме Негови деца.‘ Затоа, штом знаете дека сме Божји чеда, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе. Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог. Зашто Тој го има одредено денот во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо Го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“

Дела 17:22-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жрт­ве­ник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Не­го јас ви проповедам. Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сѐ. Од една крв го создаде сиот род чо­вечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живе­алишта, за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас: зашто ние преку Него живееме, се движиме и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ‚Негов род сме.‘ И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица. Бог, пак, не осврнувајќи се на вре­мињата на незнаење, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покаат, зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.“

Дела 17:22-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „Луѓе Атињани! Гледам по сѐ дека сте многу побожни. Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа. Бог, Кој го создаде светот и сѐ што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сѐ. Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас. Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’ И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла. И така, не гледајќи на времињата на незнаењето - Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде, зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.“