Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 16:23-34

Дела 16:23-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“ Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

Дела 16:23-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стра­жар му наредија да ги чува добро. А стражарот, штом прими таква за­повед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затво­ре­ни­ци­те ги слушаа. Одеднаш настана голем потрес, та­ка што и темелите на затворот се по­местија, и веднаш се отворија сите вра­ти и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дој­де при свест и ги виде вратите на зат­во­рот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затво­ре­ни­ци­те избегале. Но, Павле викна со силен глас и ре­че: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ А тој побара светло, истрча и растре­перен падна пред Павле и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“ А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ И му го проповедаа словото Гос­по­дово нему и на сите што беа со него во куќата негова. Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа вед­наш беше крстен тој самиот и сите не­гови домашни. Тогаш ги одведе горе во својата ку­ќа, постави трпеза и се зарадува со це­лиот свој дом, зашто поверува во Бога.

Дела 16:23-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро. Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите. А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!“ А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила; ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?“ Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.“ И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом. И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.