2 Тимотеј 3:1-17
2 Тимотеј 3:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Треба да знаеш дека во последните денови ќе настапат многу тешки времиња. Луѓето ќе станат себични, алчни за пари, самољубиви и горделиви. Ќе навредуваат, ќе бидат непослушни спрема родителите, ќе бидат неблагодарни и без светост. Ќе немаат љубов, ни желба да си простуваат; ќе се клеветат еден со друг, ќе немаат самоконтрола, ќе бидат свирепи и ќе му се противат на се што е добро. Ќе станат предавници, безобѕирни и вообразени. Наместо да Го сакаат Бог, на прво место ќе сакаат да уживаат во своите страсти. Навидум ќе изгледаат побожни, но тие ќе ја одбиваат силата што може да ги направи навистина побожни. Држете се понастрана од таквите луѓе! Има меѓу нив и такви што влегуваат по домовите и ги придобиваат оние жени што се робови на гревот и што се раководат од необуздани страсти. Таквите жени постојано се подготвени да слушнат нешто ново, а никако да ја сфатат вистината. Тие луѓе и се противставуваат на вистината онака како што Јанис и Јамврис му се противставија на Мојсеј. Тоа се луѓе со изопачен ум, нивната вера е лажна. Нема далеку да стигнат! Набргу нивното безумие ќе им стане јасно на сите, исто како што се случи и со Јанис и Јамврис. Тимотеј, внимателно слушаше што те поучував и гледаше како живеев. Знаеш што сакам да постигнам и во што верувам. Виде колку сум трпелив и колку ги сакам луѓето. Виде колку можам да истраам. Виде какви прогонства и страдања истрпев во градовите Антиохија, Иконија и Листра. Низ какви се прогони поминав и од сите нив Господ ме избави! Сите што сакаат да живеат побожно и да бидат на страната на Исус Христос ќе бидат прогонувани, а злите луѓе и измамниците ќе стануваат се полоши и полоши. Ќе заведуваат и ќе бидат заведувани. Туку ти остани му верен на она што го научи и со непоколеблива вера го прифати, зашто знаеш кој те учеше. Уште од мал ги познаваш Светите писма, а тие можат да ти дадат мудрост за да го согледаш патот кон спасението, преку вера во Исус Христос. Целото Свето Писмо е од Бога вдахновено. Се што пишува во него може да ни користи за да се поучиме, да ни помогне да се поправиме и да ни покаже како праведно да живееме. Светото Писмо совршено го подготвува секој Божји човек да умее да прави добри дела од секаков вид.
2 Тимотеј 3:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив бегај! Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти, жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до спознание на вистината. Па, како што Јаниј и Јамвриј му се противеа на Мојсеј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, отпаднати од верата. Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе им стане јасно на сите, како што се случи и со оние двајца. Ти го следеше моето учење, поведение, целта, верата на мојата великодушност, љубовта, трпеливоста, на моите прогони и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сѐ Господ ме избави. А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети. А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, како заблудувачи и заблудени. Но ти остани во тоа што си го научил и што ти е поверено, знаејќи од кого си го научил, бидејќи уште од малечок ги познаваш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус. Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност, за да биде Божјиот човек усовршен и совршено подготвен за секое добро дело.
2 Тимотеј 3:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња, зашто луѓето ќе бидат саможиви, среброљупци, самофалци, горделиви, хулители; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети; без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржани, жестоки, непријатели на доброто, предавници, избувливи, надуени, повеќе сластољубиви, а не богољубиви, кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се и од нив! Зашто од нив се оние кои се вовлекуваат во куќите и ги измамуваат простите жени натоварени со гревови, кои се водени од различни страсти, кои учат секогаш, а никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. И како што Јаниј и Јамвриј му се спротивија на Мојсеј, така и овие ѝ се противат на вистината, луѓе со изопачен ум, отфрлени во обѕир на верата. Но нема да напредуваат веќе, зашто нивното безумие ќе се открие пред сите, како што се откри и на оние двајца. А ти го следеше моето учење, начинот на живеење, замислата, верата, долготрпението, љубовта, трпението, гонењата, страдањата што ми се случија во Антиохија, Иконија и Листра. Какви гонења претрпев, и Господ ме избави од сите! А и сите кои сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети, додека злите луѓе и измамниците ќе напредуваат во злото, измамувајќи и бивајќи измамени. А ти остани во она што си го научил и во што си убеден, зашто знаеш од кого си го научил и зашто од детството ги познаваш Светите Писма, кои можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса. Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата, за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело.