2 Самоилова 24:18-25
2 Самоилова 24:18-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И во тој ден дојде Гад при Давид и рече: „Оди изгради му жртвеник на Господ врз гумното на Јевусиецот Орна.“ Тогаш Давид отиде според зборот на пророкот Гад, како што беше заповедал Господ. Орна погледна и виде дека царот и слугите негови доаѓаат при него; излезе Орна и му се поклони на царот ничкум до земја. Орна праша: „Зошто дошол мојот цар господар при својот слуга?“ Давид му одговори „Да го купам од тебе гумното за да изградам жртвеник на Господ, та да престане поморот во народот.“ Орна му рече на Давид: „Господарот мој, царот, нека земе и принесе жртва што му е по волја. Ете, воловите за сепаленица, а колата и опремата за впрегнување на воловите – за дрва. Сето тоа, царе, Орна му го дава на царот.“ Орна му кажа уште на царот: „Господ, твојот Бог, нека биде милостив кон тебе!“ Но царот му рече на Орна: „Не, јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господ, мојот Бог, жртва, земена како дар.“ И Давид го купи гумното и воловите за педесет шекели сребро. Давид изгради таму жртвеник на Господ и принесе сепаленици и жртви за мир. И Господ се смилостиви над земјата и поморот кај Израелците престана.
2 Самоилова 24:18-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во истиот ден дојде Гад кај Давида и му рече: „Оди и подигни Му на Господа жртвеник на гумното на Евусеецот Орнан!“ И Давид отиде според Гадовите зборови, како што Му заповеда Господ. Кога Орнан погледна, ги забележа царот и неговите дворјанци како што одат кон него. Орнан излезе и му се поклони на царот со лицето до земја. Орнан праша: „Зошто мојот господар цар дојде кај својот слуга?“ А Давид одговори: „За да го купи од тебе ова гумно, за да Му изгради жртвеник на Господа, па да прекрати поморот во народот.“ Орнан му рече на Давида: „Мојот господар и цар нека го земе и нека жртвува она што е добро во неговите очи! Еве говеда за паленици, млатови и волска спрема за дрва! Сѐ тоа слугата на мојот господар цар му го подарува на царот!“ Уште му рече Орнан на царот: „Господ, твојот Бог, нека ти биде милостив!“ Но царот му одговори на Орнан: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам; нема да Му принесувам на Господа, својот Бог, паленици што ми се подарени.“ И така Давид ги купи гумното и говедата за педесет сребрени сикли. Таму Давид Му изгради жртвеник на Господа и принесе паленици и помирителни жртви. Тогаш Господ ѝ се смилува на земјата, и прекрати поморот во Израел.