Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Петар 3:8-16

2 Петар 3:8-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден. Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда. Затоа, возљубени, додека го очекувате тоа, погрижете се пред Него да излезете спокојни, неосквернети и непорочни; и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост; како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел.

2 Петар 3:8-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги мои, една работа да не заборавате: за Господ еден ден е како илјада години и илјада години се како еден ден. Господ не одолжува со исполнувањето на Своето ветување, како што некои мислат. Тој само е трпелив, зашто не сака никој да заврши во пропаст, туку секој да се покае и да се спаси. Денот кога Господ ќе се врати ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земјата и сите остварувања на неа, ќе исчезнат. Кога знаете дека сето ова ќе пропадне, како треба да се однесувате? Треба да водите свет живот, посветен на Бог, да го чекате и што поскоро да го посакувате доаѓањето на тој Божји ден. Тогаш небесата ќе бидат запалени и уништени, а елементарните состојки од жештина ќе се растопат. Но за нас Бог вети ново небо и нова Земја, каде што ќе владее праведност. Ова со нетрпение го очекуваме! Очекувајќи го ова, пријатели мои, потрудете се Христос да ве затекне чисти, без пороци и помирени со Бог. Ценете ја трпеливоста на нашиот Господ, бидејќи таа дава можност што повеќе луѓе да се спасат. За тоа ви пиша и нашиот сакан брат Павле, воден од мудроста што Бог му ја дал. Тој за ова пишува во сите свои писма. Во тие писма има и работи што се тешки за разбирање, па некои неуки и неутврдени луѓе ги извртуваат, како што извртуваат и други делови од Светото Писмо. Така самите ќе се уништат.

2 Петар 3:8-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Но едно не смее да ви биде непознато, возљубени: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден. Господ не го забавува тоа што го ветил, како што некои мислат за тоа бавење, туку го покажува Своето трпение кон вас, зашто не сака некој да пропадне, туку сите да дојдат до покајание. А Господовиот ден ќе дојде како крадец во ноќта; во тој ден небесата ќе поминат со голема бучава, а вжарените стихии ќе се распаднат и земјата ќе изгори со сите дела што се во неа. Бидејќи сѐ ова ќе се распадне така, какви треба да бидете во светото владеење и во побожноста, вие кои го очекувате и забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, кога запалените небеса ќе се распаднат и вжарените стихии ќе се стопат? А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои пребива правдата. Затоа, возљубени, додека го очекувате ова, погрижете се Тој да ве најде чисти и непорочни во мир. А долготрпеливоста на нашиот Господ сметајте ја како спасение, како што и нашиот возљубен брат Павле ви напишал, според дадената му мудрост; како што и во сите свои писма зборува за ова; во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел.