2 Петар 3:1-13
2 Петар 3:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги мои, ова е веќе второ писмо што ви го пишувам, за да ви ги освежам сеќавањата и да ве поттикнам искрено да расудувате. Потсетувајте се на зборовите што ги кажуваа светите пророци и на заповедите на нашиот Господ и Спасител, дадени преку апостолите. Прво, треба да знаете дека во последните денови ќе дојдат луѓе што ќе и се подбиваат на вистината, ќе се раководат од своите грешни страсти и ќе велат: „Што се случи со ветувањето дека Христос ќе се врати? Нашите предци одамна изумреа, а во светот се си тече онака како што било уште од неговото создавање!“ Тие како да забораваат дека небесата постојат веќе многу долго време, и дека преку Божјата заповед Земјата излезе од вода, останувајќи опкружена со водата. На Божја заповед светот потоа беше поплавен од водите и беше уништен. На Божја заповед сегашните небеса и Земја се чуваат се до Судниот ден. Тогаш оган ќе ги проголта, а безбожниците ќе бидат уништени. Драги мои, една работа да не заборавате: за Господ еден ден е како илјада години и илјада години се како еден ден. Господ не одолжува со исполнувањето на Своето ветување, како што некои мислат. Тој само е трпелив, зашто не сака никој да заврши во пропаст, туку секој да се покае и да се спаси. Денот кога Господ ќе се врати ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земјата и сите остварувања на неа, ќе исчезнат. Кога знаете дека сето ова ќе пропадне, како треба да се однесувате? Треба да водите свет живот, посветен на Бог, да го чекате и што поскоро да го посакувате доаѓањето на тој Божји ден. Тогаш небесата ќе бидат запалени и уништени, а елементарните состојки од жештина ќе се растопат. Но за нас Бог вети ново небо и нова Земја, каде што ќе владее праведност. Ова со нетрпение го очекуваме!
2 Петар 3:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господ и Спасителот, дадени преку вашите апостоли. Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. Ќе велат: „Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така како од создавањето на светот.“ Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе. Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден. Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда.
2 Петар 3:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Возљубени, ова е веќе второ послание, што ви го пишувам, и во двете го разбудувам, преку напомнување, вашиот чист разум, за да си спомните за зборовите кои светите пророци ги кажаа однапред, и за заповедта на Господа и Спасителот, која ви ја предадоа вашите апостоли. Знајте го пред сѐ ова: дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои со своите подигрувања ќе одат по сопствените страсти и ќе велат: “Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто откако - умреа татковците сѐ стои така, како од почетокот на создавањето.“ Кога своеволно сакаат така, тогаш за нив останува сокриено дека преку Божјото слово небесата беа одамна, и дека земјата од водата и преку водата го доби своето постоење, преку тоа и тогашниот свет беше потопен со вода и така пропадна. А сегашните небеса и земјата со истото слово се запазени, и се чуваат за оган до денот на судот и погибелта на безбожните луѓе. Но едно не смее да ви биде непознато, возљубени: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден. Господ не го забавува тоа што го ветил, како што некои мислат за тоа бавење, туку го покажува Своето трпение кон вас, зашто не сака некој да пропадне, туку сите да дојдат до покајание. А Господовиот ден ќе дојде како крадец во ноќта; во тој ден небесата ќе поминат со голема бучава, а вжарените стихии ќе се распаднат и земјата ќе изгори со сите дела што се во неа. Бидејќи сѐ ова ќе се распадне така, какви треба да бидете во светото владеење и во побожноста, вие кои го очекувате и забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, кога запалените небеса ќе се распаднат и вжарените стихии ќе се стопат? А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои пребива правдата.