2 Царевите 4:8-17
2 Царевите 4:8-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еден ден Елисеј отиде во Сунем. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб. Таа му рече на мажот свој: „Ете, јас знам дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет; да му направиме мала горна соба над ѕидот и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму.“ Еден ден Елисеј отиде таму, се качи во горната соба своја и си легна таму, па му кажа на слугата свој Гиезиј: „Повикај ја Сунамитката.“ Тој ја повика, и таа застана пред него. И му рече: „Кажи ѝ: ‚ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на воениот началник!‘“ Таа одговори: „Не, јас живеам меѓу народот свој.“ Елисеј продолжи и рече: „Тогаш што да направиме за неа?“ И рече Гиезиј: „Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар.“ И рече Елисеј: „Повикај ја.“ Тој ја повика, и таа застана на вратата. Елисеј ѝ рече: „По една година, во ова исто време, ти ќе држиш на раце син.“ Таа рече: „Не, господаре мој, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја.“ И жената остана бремена и роди син на другата година, во она исто време, како што ѝ кажа Елисеј.
2 Царевите 4:8-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Еден ден Елисеј поминуваше низ Сунам. А таму живееше угледна жена, и таа го повика при столот. Оттогаш, кога поминуваше оттаму, се навратуваше кај неа за јадење. Таа му рече на мажа си: „Еве, знам и гледам дека е свет оној Божји човек што поминува оттука. Да му направиме соба на покривот, да му ставиме таму постела стол, столица и светилка: кога ќе дојде кај нас, ќе се повлече таму.“ Еден ден тој дојде таму, се повлече во горната соба и се одмори таму. Потоа му рече на својот момок Гиезиј: „Повикај ја таа Сунамка!“ Тој ја повика, та таа застана пред него. И уште му рече: „Кажи ѝ: ‘Убаво се грижиш за нас. Што можеме да направиме за тебе? Треба ли да се каже збор за тебе на царот или на војсководачот?’“ Но таа одговори: „Јас живеам сред својот народ.“ Тој продолжи: „И така, што да направиме за неа?“ Гиезиј одговори: „Ете, нема син, а мажот ѝ е возрасен.“ А тој рече: „Повикај ја!“ Ја повика, а таа застана кај вратата. “Догодина во ова доба - ѝ рече - ќе прегрнеш син во прегратка.“ А таа рече: „Не, господару мој, не ја измамувај својата слугинка!“ Но жената навистина забремени, и роди син во она доба на другата година, како што ѝ рече Елисеј.