2 Царевите 4:1-37
2 Царевите 4:1-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Една од жените на пророчките синови со плачење му говореше на Елисеј: „Твојот слуга, мажот мој, умре; а ти знаеш дека твојот слуга имаше страхопочит кон Господ; сега дојде заемодавачот да ги земе двете мои деца за робје.“ Елисеј ѝ рече: „Што да направам за тебе? Кажи ми што имаш дома?“ Таа одговори: „Слугинката твоја ништо нема во домот свој, освен еден сад со масло.“ А тој рече „Оди и побарај садови однадвор, од сите твои соседи, празни садови; собери доволно,“ „Потоа оди и затвори ја вратата зад себе и зад синовите свои и налевај во сите тие садови; полните ставај ги настрана.“ Таа си отиде од него и ја затвори вратата зад себе и зад синовите свои. Тие ѝ подаваа, а таа налеваше. Кога беа наполнети садовите, таа му рече на синот свој: „Дај ми уште еден сад.“ Тој ѝ рече: „Нема повеќе садови.“ И маслото престана да тече. Таа дојде и му раскажа на Божјиот човек. Тој ѝ рече: „Оди, продај го маслото и исплати ги долговите свои; а со тоа што ќе остане, ќе живееш со синовите свои.“ Еден ден Елисеј отиде во Сунем. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб. Таа му рече на мажот свој: „Ете, јас знам дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет; да му направиме мала горна соба над ѕидот и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму.“ Еден ден Елисеј отиде таму, се качи во горната соба своја и си легна таму, па му кажа на слугата свој Гиезиј: „Повикај ја Сунамитката.“ Тој ја повика, и таа застана пред него. И му рече: „Кажи ѝ: ‚ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на воениот началник!‘“ Таа одговори: „Не, јас живеам меѓу народот свој.“ Елисеј продолжи и рече: „Тогаш што да направиме за неа?“ И рече Гиезиј: „Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар.“ И рече Елисеј: „Повикај ја.“ Тој ја повика, и таа застана на вратата. Елисеј ѝ рече: „По една година, во ова исто време, ти ќе држиш на раце син.“ Таа рече: „Не, господаре мој, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја.“ И жената остана бремена и роди син на другата година, во она исто време, како што ѝ кажа Елисеј. Детето порасна и еден ден отиде кај татко си, кај жетварите. И му кажа на татко си: „Главата, главата ме боли.“ А тој му рече на слугата свој: „Одведи го кај мајка му!“ Го зеде и го одведе кај мајка му. И тоа седеше во скутот нејзин до пладне и умре. Таа отиде и го положи во леглото на Божјиот човек, го затвори и излезе, па го повика мажот свој и рече: „Испрати ми еден од слугите и една од магариците; ќе одам кај Божјиот човек и ќе се вратам.“ А тој ја праша: „Зошто ќе одиш кај него? Денес не е нов месец, не е ни сабота.“ Но таа рече: „Биди спокоен.“ И ја оседла магарицата и му кажа на слугата свој: „Води и врви; не запирај додека не ти кажам.“ И тргнаа и дојдоа кај Божјиот човек, на гората Кармил. А кога Божјиот човек ја виде оддалку, му кажа на слугата свој Гиезиј: „Еве ја онаа Сунамитка; трчај да ја пресретнеш и да ја прашаш: ‚здрава ли си, здрав ли е мажот нејзин, здраво ли е детето?‘“ – Таа одговори: „Здрави сме.“ А кога дојде кај Божјиот човек на гората, се фати за нозете негови. И Гиезиј се доближи за да ја отстрани; но Божјиот човек рече: „Остави ја, душата ѝ е огорчена, а Господ ја сокри од мене и не ми јави.“ И таа рече: „Барав ли јас од мојот господар син? Не зборував ли: немој да ме лажеш?“ Тој тогаш му рече на Гиезиј: „Препаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го поздравувај; а ако некој те поздрави, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!“ А мајката на детето рече: „Се колнам во живиот Господ и во животот на твојата душа! Нема да те оставам.“ Тогаш и тој стана и тргна по неа. Гиезиј отиде пред нив и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас, ни одговор. И му излезе во пресрет, му соопшти и рече: „Детето не се разбудува.“ И Елисеј влезе во куќата, и ете, умрено дете лежи на леглото негово. И влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господ; потоа се качи, легна врз детето, ја стави устата своја врз неговата уста, очите свои врз неговите очи, и дланките свои врз неговите дланки, и се простре врз него, и телото на детето се загреа. Елисеј стана и почна да оди по собата натаму – наваму; потоа пак се качи и се простре врз него. И детето кивна седумпати и ги отвори очите свои. И тој го повика Гиезиј и му рече: „Повикај ја Сунамитката!“ И тој ја повика. Таа дојде кај него, и тој рече: „Земи си го синот свој!“ Таа се доближи, падна пред нозете негови и се поклони до земја; потоа го зеде синот свој и излезе.
2 Царевите 4:1-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Жената на еден од пророчките синови го замоли Елисеја вака: „Твојот слуга, маж ми, умре, а знаеш дека твојот слуга се боеше од Господа. Сега дојде заемодавачот за да ми ги земе двата сина и за да ги направи свои робови.“ Елисеј ѝ рече: „Што можам да сторам за тебе! Кажи ми што имаш во куќата?“ Таа одговори: „Твојата слугинка нема ништо во куќата освен врчва со масло.“ Тогаш ѝ рече: „Оди и позајми од сите свои соседи празни садови, но нека не бидат премалку! Потоа врати се дома, затвори ја вратата зад себе и зад своите синови и налевај масло во сите тие садови и полните ставај ги настрана.“ И таа си отиде од него, ја затвори вратата зад себе и зад своите синови. Тие ѝ ги подаваа садовите, а таа ги полнеше. И кога се наполнија садовите, таа му рече на својот син: „Подај ми уште еден сад!“ Ама тој ѝ одговори: „Нема веќе садови.“ И маслото прекрати. Таа отиде и му кажа на Божјиот човек, а тој ѝ рече: „Оди, продај го маслото и исплати го својот долг, а од остатокот ќе живеете: ти и твоите синови!“ Еден ден Елисеј поминуваше низ Сунам. А таму живееше угледна жена, и таа го повика при столот. Оттогаш, кога поминуваше оттаму, се навратуваше кај неа за јадење. Таа му рече на мажа си: „Еве, знам и гледам дека е свет оној Божји човек што поминува оттука. Да му направиме соба на покривот, да му ставиме таму постела стол, столица и светилка: кога ќе дојде кај нас, ќе се повлече таму.“ Еден ден тој дојде таму, се повлече во горната соба и се одмори таму. Потоа му рече на својот момок Гиезиј: „Повикај ја таа Сунамка!“ Тој ја повика, та таа застана пред него. И уште му рече: „Кажи ѝ: ‘Убаво се грижиш за нас. Што можеме да направиме за тебе? Треба ли да се каже збор за тебе на царот или на војсководачот?’“ Но таа одговори: „Јас живеам сред својот народ.“ Тој продолжи: „И така, што да направиме за неа?“ Гиезиј одговори: „Ете, нема син, а мажот ѝ е возрасен.“ А тој рече: „Повикај ја!“ Ја повика, а таа застана кај вратата. “Догодина во ова доба - ѝ рече - ќе прегрнеш син во прегратка.“ А таа рече: „Не, господару мој, не ја измамувај својата слугинка!“ Но жената навистина забремени, и роди син во она доба на другата година, како што ѝ рече Елисеј. Детето растеше. Еден ден отиде кај таткото при жетварите. И му се поплака на таткото: „Ох, мојата глава, мојата глава!“ А таткото му заповеда на еден момок да го однесе кај мајка му. Тој го зеде и го одведе кај неговата мајка. Остана на нејзините колена до пладне, и тогаш умре. Таа тогаш отиде горе и го положи во постелата на Божјиот човек. Потоа излезе и ја заклучи вратата. Потоа го повика мажа си и му рече: „Испрати ми еден од момците и една ослица; ќе отрчам до Божјиот човек и ќе се вратам.“ Тој ја праша: „Зошто да одиш денес кај него? Не е ни млада месечина, ниту е сабота.“ Но таа одговори: „Остани во мир!“ Откако момокот ја насамари ослицата, таа му рече: „Води и тргни! Не задржувај ме патем, освен ако не ти наредам.“ Таа отиде и дојде кај Божјиот човек, на гората Кармил. Кога Божјиот човек ја здогледа оддалеку, му рече на својот момок Гиезиј: „Ене ја онаа Сунамка. Отрчај пред неа и прашај ја: ‘Како си? Дали ти е мажот добро? Дали ти е детето здраво?“ Таа одговори: „Здрави сме.“ Кога стигна до Божјиот човек на гората му ги прегрна нозете. Гиезиј пристапи за да ја оттргне, но Божјиот човек му рече: „Остави ја, зашто душата ѝ е јадосана. Господ ми крие, ништо не ми објави.“ А таа рече: „Зар јас барав син од мојот господар? Нели ти зборував да не ме измамуваш.“ Тогаш тој му рече на Гиезиј: „Опаши се, земи го во раката мојот стап, па оди! Ако сретнеш некого, не го поздравувај; ако некој те поздрави, не отпоздравувај му. Положи го мојот стап врз детето.“ Ама мајката на детето рече: „Жив ми Господ и жива да е твојата душа, не ќе те оставам!“ Тогаш тој стана и тргна по неа. Гиезиј отиде пред нив и го положи стапот врз детето, ама немаше ни глас ни одѕив. Тој се врати пред Елисеј и му јави: „Детето не се разбуди.“ Елисеј влезе во куќата и го најде детето како лежи мртво на неговата постела. Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа. Потоа се качи на постелата, легна на детето, ја сложи својата уста на неговата уста, своите очи на неговите очи, своите раце на неговите раце; дишеше над него, те се стопли телото на детето. Потоа стана и се прошета по куќата таму-ваму, потоа пак се качи, и дишеше над него. А тогаш детето кивна седумпати и ги отвори очите. И Елисеј го повика Гиезиј и рече: „Повикај ја таа Сунамка.“ Тој ја повика. Кога стигна пред него, ѝ рече: „Земи го својот син.“ Таа, откако влезе, му падна пред нозете и му се поклони до земја. Потоа го зеде сина си и излезе.