Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 2:1-13

2 Царевите 2:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Елисеј доаѓаше од Гилгал. И му рече Илија на Елисеј: „Оста­ни тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.“ Но Елисеј рече: „Се колнам во живиот Господ и во животот на твојата душа! Нема да те оставам.“ И отидоа во Ветил. И излегоа кај Елисеј синовите пророчки што беа во Ветил, и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го вознесе твојот господар над гла­вата твоја!“ Тој одговори: „И јас знам, молчете.“ И му рече Илија: „Елисеј, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ерихон.“ А тој рече: „Се колнам во жи­виот Господ и во твојата жива душа! Нема да те оставам.“ И дојдоа во Ерихон. Тогаш се приближија синовите про­рочки што беа во Ерихон, и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?“ Тој одговори: „И јас знам, молчете.“ Пак му рече Илија на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа накај Јордан.“ А тој рече: „Се колнам во живиот Господ и во твојата жива душа! Нема да те оставам.“ И тргнаа обајцата. Педесет души од синовите пророч­ки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, додека тие двајца стоеја покрај брегот на Јордан. Тогаш го зеде Илија својот кожув, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двај­цата минаа по суво. Кога минаа, Илија му рече на Ели­сеј: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам вознесен пред тебе.“ Елисеј одговори: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.“ А тој рече: „Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам вознесен пред тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.“ Додека тие одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се вознесе во виорот кон небото. А Елисеј гледаше и извика: „Татко мој, татко мој, коло Израелова и негова коњица!“ И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња. И го крена тој кожувот на Илија што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан

2 Царевите 2:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Еве што се случи кога Господ го вознесе Илија на небо во виор: Илија и Елисеј тргнаа од Галгал. И Илија му рече на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме праќа до Ветил.“ Елисеј одговори: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа јас нема да те оставам!“ И слегоа до Ветил. А пророчките синови кои што престојуваа во Ветил му излегоа во пресрет на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?“ Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!“ Илија му рече: „Елисеј! Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа во Ерихон.“ Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!“ И влегоа во Ерихон. Пророчките синови кои што живееја во Ерихон му пријдоа на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?“ Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!“ Илија му рече: „Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа кон Јордан.“ Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!“ И така тргнаа обајцата. И педесет пророчки синови тргнаа и застанаа подалеку, додека тие двајца се задржаа на брегот на Јордан. Тогаш Илија ја зеде својата наметка, ја свитка и удри со неа по водата, а водата се раздели на две страни. И обајцата поминаа по суво. А кога поминаа, Илија му рече на Елисеј: „Барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе?“ А Елисеј одговори: „Духот што го имаш ти нека биде двоен во мене!“ Илија одговори: „Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде.“ И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо. Елисеј гледаше и викаше: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!“ И веќе не го виде. Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина надве. И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан.