2 Царевите 12:1-16
2 Царевите 12:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јоас беше на седум години, кога стана цар. Тој стана цар во седмата година од владеењето на Јуј и царуваше во Ерусалим четириесет години. Мајка му се викаше Цивија, од Вирсавија. А Јоас го правеше она што беше правилно пред очите на Господ во сите денови додека го поучуваше свештеникот Јодај; само идолските светилишта не беа урнати; народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Јоас им кажа на свештениците: „Сите пари од посветените дарови што се донесуваат во домот Господов, парите кои некому му се наметнати со процена, и парите што некои по сопствена волја ги принесуваат во домот Господов;“ „Свештениците нека ги приберат, секој од својот познат, и со нив нека го поправат расипаното во храмот, насекаде, каде што ќе се најде оштетено.“ Но бидејќи до дваесет и третата година на царот Јоас свештениците не ги поправаа расипаните работи во храмот, царот Јоас го повика тогаш свештеникот Јодај и свештениците и им рече: „Зошто не ги поправате расипаните работи во храмот? Отсега нема веќе да прибирате пари од своите познати, туку ќе ги оставате за поправка на храмот.“ И свештениците се согласија да не прибираат веќе кај себе пари од народот за поправки во храмот. Тогаш свештеникот Јодај зеде едно ковчеже, му направи одозгора отвор и го стави до жртвеникот десно, каде што влегуваа во домот Господов. И свештениците што стоеја на стража кај вратата, ги пуштаа таму сите пари што се внесуваа во домот Господов. И кога ќе видеа дека има многу пари во ковчежето, доаѓаше царскиот писар и првосвештеникот и ги врзуваа во торби и ги пребројуваа парите што се наоѓаа во домот Господов, а преброените пари ги предаваа во рацете на определените за надзорници на домот Господов, и тие им плаќаа на дрводелците што работеа во домот Господов, и на ѕидарите, и на каменоделците, и за купување дрва и делкани камења, за поправки во домот Господов, и за сѐ што се трошеше за одржување на храмот. Но за домот Господов не беа направени ни сребрени чинии, ни штипки, ни котлиња за росење, ни труби – никакви златни садови, и сребрени садови не беа направени од парите што се внесуваа во домот Господов, туку ги предаваа на надзорниците и тие го поправаа со нив домот Господов. И не бараа сметка од оние, на кои им ги доверуваа парите за плаќање на работниците, зашто тие постапуваа чесно.
2 Царевите 12:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во седмата година на Јујовото царување Јоас стана цар, и царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија и беше од Вир-Савеа. Јоас правеше што е право во очите на Господа во текот на сиот свој век, зашто го поучуваше свештеникот Јодај. Ама не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Јоас им рече на свештениците: „Сите сребреници од посветените дарови што се донесени во Господовиот Дом; сребрениците што му се наметнати некому со преценка, и сребрениците што некој ги донесува по своја волја во Господовиот Дом, свештениците нека земат секој од својот познат, и тие нека го поправат со тоа Домот, каде што ќе се најде некакво оштетување.“ Но во дваесет и третата година на царувањето на Јоас свештениците уште не го поправија Домот. Тогаш царот Јоас ги повика свештеникот Јодај и другите свештеници и им рече: „Зошто не го поправувате Домот? Отсега веќе не смеете да земате сребреници од своите познати, туку треба да ги дадете за поправка на Домот.“ Свештениците се согласија да не земаат сребреници од народот, ама да не го поправаат ни Домот. Тогаш свештеникот Јодај зеде ковчег, засече отвор врз капакот и го стави покрај жртвеникот, десно од влезот во Господовиот Дом. Свештениците, чуварите на вратата, ги ставаа во него сите сребреници собрани во Господовиот Дом. Кога ќе се видеше дека во ковчегот има многу сребреници, ќе дојдеше царевиот тајник со великиот свештеник, та ќе ги преброеја и ќе ги врзеа сребрениците што се наоѓаа во Господовиот Дом. Преброените сребреници му беа врачувани на управителите на работите за поправка на Господовиот Дом, а тие им исплаќаа на дрводелците и на градежниците, кои работеа во Господовиот Дом, и на ѕидарите и на делкачите на камен, и за набавување на дрво и на делкан камен, одредени за поправка на Господовиот Дом, накратко: за трошоците за поправката на Домот. Но во Господовиот Дом не се правеа сребрени чаши, ни ножеви, ни котлиња, ни труби, ниту било каков предмет од злато или од сребро за сребрениците што беа подарени, туку им ги даваа на работниците кои ги главија за поправка на Господовиот Дом. Не се бараше сметка од луѓето на кои им ги предаваа сребрениците за да ги дадат на трудбениците, зашто тие работеа совесно. Сребрениците од надоместоците за престап и за грев не се внесуваа во Господовиот Дом, туку им припаѓаа на свештениците.