Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 5:11-21

2 Коринтјаните 5:11-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Така, знаејќи го стравот од Господ, ние ги уверуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надевам дека сум познат и на вашите совести. Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние кои се фалат по лице, а не по срце. Ако сме надвор од себе, тоа е заради Бога; ако сме присебни, тоа е поради вас. Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да го мислиме ова: кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна. Затоа ние отсега никого не позна­ва­ме по тело; иако Христос Го познавме по тело, но сега веќе не Го познаваме како таков. И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото. А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Се­бе преку Христос и ни го даде слу­же­ње­то на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување. Па така, ние сме Христови пра­те­ници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја.

2 Коринтјаните 5:11-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме. Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети. Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот не води, тоа е за ваша полза. Што и да работиме, тоа е затоа што не раководи љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме. Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот живот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив. Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така. Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот! Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, не помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него. Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе. Ние сме амбасадори на Христос, и преку нас Бог ви говори. Во името на Христос, ве молиме: помирете се со Бог! Бог Го даде Христос, Кој немаше никаков грев, да биде жртва за нашиот грев, та преку Него ние да се здобиеме со Божја праведност.

2 Коринтјаните 5:11-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, знаејќи го стравот пред Господа, ги уверуваме луѓето, а на Бога сме Му познати, и се надеваме дека сме им познати и на вашите совести. Не ви се препорачуваме пак вам, туку ви даваме повод и вие да се фалите со нас, за да имате што да им одговорите на оние, кои се фалат со она што е надвор, но не во срцето. Зашто, ако сме биле вон себе - тоа е заради Бога; ако сме со здрава памет, тоа е заради вас. Зашто, Христовата љубов нѐ опфаќа, кога дојдовме до заклучокот: еден умрел за сите, значи дека сите умреле. А Тој умре за сите, та живите да не живеат веќе сами за себеси, туку за Оној, Кој умре и воскресна за нив. Затоа отсега и ние не познаваме никого по тело; иако Христа Го познаваме и по тело; сега веќе не Го познаваме така. И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сѐ стана ново. А сѐ ова е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Христа и ни ја даде службата на измирувањето, зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи и вложувајќи го во нас словото на измирувањето. Според тоа, ние сме пратеници на Христа - на тој начин што Бог моли преку нас. Молиме во името на Христа: помирете се со Бога! Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност