Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 5:1-21

2 Коринтјаните 5:1-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Знаеме дека кога ќе пропадне овој ,шатор‘ во кој сега живееме, односно, нашето овоземно тело, не очекуваат на небото вечни домови направени од Бог, а не од човечка рака. Во нашите сегашни тела офкаме и копнееме по денот кога како нова облека ќе ги облечеме нашите небесни тела, зашто ние нема да бидеме голи духови, без тела, туку ќе ги облечеме нашите нови, небесни тела. Додека живееме во овој овоземен шатор, односно во нашите смртни тела, офкаме бидејќи имаме мака. Но ние не копнееме по тоа да умреме и да останеме без тела, туку со нетрпение чекаме да се преселиме во нашите нови тела, па вечниот живот да го проголта ова смртно тело. Бог не подготви за тоа и ни Го даде Светиот Дух како гаранција дека тоа навистина ќе се случи. Затоа ние секогаш сме смели, и покрај тоа што се додека сме во ова овоземно тело, ние не сме дома, кај Господ. Верата е она што не движи напред, а не тоа што сега го гледаме. Храбри сме, бидејќи повеќе сакаме да се иселиме од ова наше овоземно тело и да си одиме дома, кај Господ. Затоа, било да сме дома кај Господ, или да сме овде, сакаме да го работиме тоа што Нему Му е по волја. Секој од нас ќе треба да се појави пред Христовиот суд, за да го прими она што го заслужил со своите добри или лоши постапки додека бил во овоземното тело. Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме. Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети. Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот не води, тоа е за ваша полза. Што и да работиме, тоа е затоа што не раководи љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме. Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот живот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив. Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така. Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот! Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, не помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него. Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе. Ние сме амбасадори на Христос, и преку нас Бог ви говори. Во името на Христос, ве молиме: помирете се со Бог! Бог Го даде Христос, Кој немаше никаков грев, да биде жртва за нашиот грев, та преку Него ние да се здобиеме со Божја праведност.

2 Коринтјаните 5:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Знаеме дека, кога земното живе­алиште на нашето тело, кое е како шатор, ќе се разруши, тогаш ќе имаме од Бога здание, куќа неракотворена, вечно живеалиште на небесата. Зашто во него воздивнуваме, копнеејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште; само, да се најдеме облечени, а не голи. Зашто ние, кои се наоѓаме во овој шатор, воздивнуваме обременети; би­деј­ќи не сакаме да бидеме соблечени, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното. А Бог, Кој нѐ создаде токму за ова, ни даде и залог на Духот. И затоа, секогаш сме спокојни, иако знаеме дека, сѐ додека живееме во телото, ние сме далеку од Господ, бидејќи според верата живееме, а не според гледањето. Но не се плашиме и сакаме што пос­коро да го напуштиме телото и да се прибереме кај Господ. Па затоа и усрдно се грижиме да Му бидеме угодни, било кога престојуваме во телото, или кога го напуштаме; зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го из­вр­шил во телото свое, било добро или зло. Така, знаејќи го стравот од Господ, ние ги уверуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надевам дека сум познат и на вашите совести. Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние кои се фалат по лице, а не по срце. Ако сме надвор од себе, тоа е заради Бога; ако сме присебни, тоа е поради вас. Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да го мислиме ова: кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна. Затоа ние отсега никого не позна­ва­ме по тело; иако Христос Го познавме по тело, но сега веќе не Го познаваме како таков. И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото. А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Се­бе преку Христос и ни го даде слу­же­ње­то на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување. Па така, ние сме Христови пра­те­ници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја.

2 Коринтјаните 5:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто, знаеме: ако се разурне нашиот земен дом, кој е како шатор, имаме од Бога зграда, вечен дом на небесата, што не го изградила човечка рака. Па затоа и воздивнуваме и копнееме да се облечеме со своето небесно живеалиште; само така облечени, нема да се најдеме голи. Зашто, ние кои сме во овој шатор, воздивнуваме обременети; зашто не сакаме да се соблечеме, туку да се облечеме и над него, и така животот да го проголта она што е смртно. А Бог нѐ приготви токму за ова, со тоа што ни Го даде Духот како залог. Така, бидејќи секогаш сме полни со верба и знаеме дека сме во телото, ние сме во туѓина, далеку од Господа, зашто, уште одиме во верата, а не со гледањето, - полни сме со вера, и повеќе сакаме да го напуштиме телово и да живееме при Господа. Затоа и се грижиме да Му угодиме Нему, било да сме дома или во туѓина, зашто сите ние треба да се појавиме пред Христовиот суд, и секој да прими според она што направил во своето тело, било добро или зло. И така, знаејќи го стравот пред Господа, ги уверуваме луѓето, а на Бога сме Му познати, и се надеваме дека сме им познати и на вашите совести. Не ви се препорачуваме пак вам, туку ви даваме повод и вие да се фалите со нас, за да имате што да им одговорите на оние, кои се фалат со она што е надвор, но не во срцето. Зашто, ако сме биле вон себе - тоа е заради Бога; ако сме со здрава памет, тоа е заради вас. Зашто, Христовата љубов нѐ опфаќа, кога дојдовме до заклучокот: еден умрел за сите, значи дека сите умреле. А Тој умре за сите, та живите да не живеат веќе сами за себеси, туку за Оној, Кој умре и воскресна за нив. Затоа отсега и ние не познаваме никого по тело; иако Христа Го познаваме и по тело; сега веќе не Го познаваме така. И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сѐ стана ново. А сѐ ова е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Христа и ни ја даде службата на измирувањето, зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи и вложувајќи го во нас словото на измирувањето. Според тоа, ние сме пратеници на Христа - на тој начин што Бог моли преку нас. Молиме во името на Христа: помирете се со Бога! Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност