2 Коринтјаните 4:1-12
2 Коринтјаните 4:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа сега, кога како израз на Божјата милост ја добивме оваа служба, ние не се обесхрабруваме. Се откажавме од сите подмолни и срамни работи. Не се служиме со итрини и не го извртуваме Божјиот збор, туку јасно, пред Бог, му ја откриваме вистината на секој човек, оставајќи му ја одлуката на неговата совест. Ако Радосната вест што ние ја проповедаме е скриена од некого, тоа е јасен знак дека тој се определил за пропаст. Но на таквите Сатаната, богот на овој зол свет, им го заслепил разумот и тие не можат да го видат прекрасниот сјај на Радосната вест што ни доаѓа од преславниот Христос, Кој, како слика, точно Го одразува самиот Бог. Ние не се истакнуваме себеси, туку проповедаме дека Исус Христос е Господ, а ние сме ви на услуга, заради Исус. Зашто Бог, Кој рече: „Нека се појави светло во темнината!“, Тој ги просветли и нашите срца, за да согледаме дека Неговата слава се одразува во ликот на Исус Христос. Но ова скапоцено богатство го носиме во обични земјани садови, односно во нашите смртни тела. Така на сите им е јасно дека оваа величествена сила доаѓа од Бог, а не од нас. Од сите страни сме притиснати, но не сме поразени. Понекогаш сме збунети, но не сме без надеж. Прогонувани сме, но Бог не не оставил. Не соборуваат наземи, но не сме уништени. Преку страдањата на овие наши тела, ние постојано учествуваме во смртните страдања на Исус, за да се види и Неговиот живот во нашите тела. Живееме под постојани закани дека ќе не убијат поради тоа што проповедаме за Исус, за да може Исусовиот живот да се пресликува во нашите смртни тела. И така, додека смртта си ја покажува силата против нас, вечниот живот ја покажува својата сила во вас.
2 Коринтјаните 4:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа, бидејќи по милоста Божја го имаме ова служење, ние со духот не паѓаме; но се одрековме од прикриени срамни дела, не постапуваме со лукавство, ниту го изопачуваме словото Божјо, туку со јавувањето на вистината се препорачуваме на секоја човечка совест пред Бога. Ако, пак, е и покриено нашето Евангелие, тоа е покриено за оние што пропаѓаат: за оние, на кои богот од овој свет им ги заслепил нивните безверни умови, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христос, Кој е слика на (невидливиот) Бог. Зашто ние самите себе не се проповедаме, туку Христос Исус Господ; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исус. Зашто Бог, Кој некогаш заповеда од „темнината да изгрее светлина“, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас. Од секаде сме угнетувани, но не сме потиштени; во недоумица сме, не губиме надеж; нѐ гонат, но не сме напуштени; нѐ кутнуваат, но ние не пропаѓаме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господ Исус, така што и животот Исусов да се открие во телото наше. Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исус, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело. Така смртта дејствува во нас, а животот – во вас.
2 Коринтјаните 4:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, имајќи го ова служење по милоста, што ја придобивме, ние не се истоштуваме, туку се одрековме од тајните, срамни работи; не живееме во лукавство, ниту го изопачуваме Божјото слово, но преку откривањето на вистината се препорачуваме себеси на секоја човечка совест пред Бога. Ако пак е покриено нашето Евангелие, покриено е за оние, кои загинуваат; за неверните, на кои богот на овој свет им го заслепил разумот, за да не ги осветли светлината на Евангелието за славата на Христа, Кој е Божји лик. Зашто, ние не се проповедаме себеси, туку Христа Исуса како Господ; а себеси како за ваши слуги заради Исуса. Зашто, Бог, Кој рече светлина да засвети од темнината, Тој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа. А ова благо го имаме во земни садови, та изврсноста на силата да биде од Бога, а не од нас. Во неволја сме отсекаде, но не сме притеснети; во двоумење сме, но не губиме надеж; нѐ гонат, но не сме оставени; нѐ соборуваат, но не сме погубени. Каде и да одиме, секогаш го носиме Исусовото умирање во телото, па и животот Исусов да се покаже во нашето тело. Зашто ние, живите, секогаш сме предавани на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се покаже во нашето смртно тело. И така, смртта дејствува во нас, а животот во вас.