2 Коринтјаните 10:13-18
2 Коринтјаните 10:13-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А ние не сакаме да се фалиме без мера, туку исклучиво според мерката што ни ја даде Бог, а таа мерка е да допреме до сите луѓе, па и до вас. Ние не го протегаме своето дејствување на места кои не сме ги досегнале; всушност, ние први стигнавме до вас, проповедајќи ви ја Радосната вест од Христос. Така, ние не се фалиме со плодови околу кои други се труделе, туку се надеваме дека вашата вера ќе зајакне, па да можеме и да ја прошириме својата работа во вашиот крај, а потоа да ја проповедаме Радосната вест и на други места, подалеку од вас, каде што никој претходно не проповедал. Така нема да може да ни се приговори дека се фалиме со резултати што некој друг ги постигнал. Но, Светото Писмо вели: „Ако некој се фали, нека се фали со она што Господ го прави!“ Зашто кога некој сам себеси се фали, тоа не е вистинска препорака. А кога Господ некого ќе пофали, таквиот навистина е достоен.
2 Коринтјаните 10:13-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ние, пак, не без мерка ќе се пофалиме, туку според правилото на мерката што ни е определена од Бога, за да допреме сѐ до вас. Зашто ние не посегаме преку својата мера, како да не сме стигнале до вас, и до вас со Евангелието Христово ние први допревме. Не се фалиме безмерно со туѓите напори. А се надеваме дека со растењето на вашата вера меѓу вас и ние, по нашата мерка, ќе пораснеме во изобилие, така што и подалеку од вас да го проповедаме Евангелието, а не да се фалиме со готовото во туѓа област. „Кој се фали, со Господ да се фали!“ Зашто, не е признаен оној што самиот себе се препорачува, туку оној кого што Господ го препорачува.
2 Коринтјаните 10:13-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А ние не сакаме да се фалиме преку мерка, туку само според мерката на правилото, што Бог ни ја определил како мерка, за да достигнеме и до вас. Зашто, ние не преминуваме преку мерката, како да не сме достигнале до вас; зашто ние стигнавме и до вас со Евангелието на Христа. Не се фалиме преку мерка со туѓи напори, туку се надеваме дека ќе се возвеличиме изобилно меѓу вас, според нашата мерка, кога ќе порасне вашата вера; и да го проповедаме Евангелието подалеку од вас, а да не се фалиме со она што е направено во границите, што им се определени на други. “Кој се фали, во Господа да се фали.“ Зашто, не е достоен кој самиот се препорачува, туку оној кого Господ го препорачува.