2 Коринтјаните 10:1-18
2 Коринтјаните 10:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас, Павле, лично ве молам со Христовата благост и кроткост, јас самиот, кој сум понизен, кога сум лично меѓу вас, а смел кога сум далеку од вас, ве молам, кога ќе бидам кај вас, да бидете такви што да нема потреба да бидам така смел, каков што мислам да бидам кон некои, кои за нас мислат дека живееме по телото. Зашто, иако во тело живееме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христос; и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност. На надворешноста ли гледате? Кој е уверен во себе дека е Христов, нека размисли веднаш во себе дека, како што е тој Христов, така сме и ние Христови. Бидејќи, кога би се пофалил и малку повеќе со нашата власт, која ни ја даде Господ за вашето изградување, а не за разорување, нема да се посрамам. Но никој нека не помисли дека преку посланијата ве заплашувам, бидејќи во посланијата свои, ќе рече некој, тој е строг и силен, но при личното присуство меѓу нас – слаб; проповедта негова ништо не вреди. Таквиот нека знае дека, какви сме во зборовите во посланијата свои, кога отсуствуваме, такви сме и на дело кога присуствуваме. Зашто не смееме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои од оние што сами се препорачуваат; тие не разбираат дека се споредуваат сами со себе и се мерат само со себе. Ние, пак, не без мерка ќе се пофалиме, туку според правилото на мерката што ни е определена од Бога, за да допреме сѐ до вас. Зашто ние не посегаме преку својата мера, како да не сме стигнале до вас, и до вас со Евангелието Христово ние први допревме. Не се фалиме безмерно со туѓите напори. А се надеваме дека со растењето на вашата вера меѓу вас и ние, по нашата мерка, ќе пораснеме во изобилие, така што и подалеку од вас да го проповедаме Евангелието, а не да се фалиме со готовото во туѓа област. „Кој се фали, со Господ да се фали!“ Зашто, не е признаен оној што самиот себе се препорачува, туку оној кого што Господ го препорачува.
2 Коринтјаните 10:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сега јас, Павле, лично ве молам со кроткост и љубезност какви што би покажал Христос, да ме послушате, иако некои од вас зборувале дека сум бил строг, кога сум далеку од вас, а малодушен кога сум кај вас. Не би сакал да бидам принуден да покажам строгост спрема оние што тврдат дека нас не водат телесни мотиви. Ние сме од крв и месо, ама не војуваме со телесни, световни методи. Не сме вооружени со човечки оружја, туку со моќните Божји оружја. Со нив ги уриваме сатанските упоришта и ги соборуваме сите зли мудрувања и се друго што ги попречува луѓето да Го запознаат Бога. Ја поразуваме секоја бунтовна човечка мисла и ја учиме да Му биде послушна на Христос. Ние сме готови да ги казниме оние што не се послушни во се, но дури откако вие ќе покажете дека сте целосно послушни. Многу површно гледате на работите! Треба да ви биде јасно дека и ние Му припаѓаме на Христос исто толку колку што за себе го тврдат тоа оние што гордо изјавуваат дека се Христови! Дури и ако претерано сум го истакнувал авторитетот што Господ ни го даде, јас од тоа не се срамам, бидејќи тоа било за да ве изградуваме, а не да ве уриваме. Не сакам да звучи како да се обидувам да ве заплашам со моите писма. Слушам дека некои велат за мене: „Неговите писма се сериозни и строги, но кога е овде кај нас, тој е слаб и неговите говори се безвредни!“ На таквите луѓе им порачуваме дека онакви какви што сме на зборови, во нашите писма, сега кога не сме кај вас, исти такви ќе бидеме и на дела, кога ќе дојдеме кај вас! Ние не се ни осмелуваме да се изедначуваме или споредуваме со оние што имаат толку високо мислење за себе. Тие постапуваат неразумно, зашто се вреднуваат себеси со свои мерки па испаѓа дека се споредуваат сами со себе! А ние не сакаме да се фалиме без мера, туку исклучиво според мерката што ни ја даде Бог, а таа мерка е да допреме до сите луѓе, па и до вас. Ние не го протегаме своето дејствување на места кои не сме ги досегнале; всушност, ние први стигнавме до вас, проповедајќи ви ја Радосната вест од Христос. Така, ние не се фалиме со плодови околу кои други се труделе, туку се надеваме дека вашата вера ќе зајакне, па да можеме и да ја прошириме својата работа во вашиот крај, а потоа да ја проповедаме Радосната вест и на други места, подалеку од вас, каде што никој претходно не проповедал. Така нема да може да ни се приговори дека се фалиме со резултати што некој друг ги постигнал. Но, Светото Писмо вели: „Ако некој се фали, нека се фали со она што Господ го прави!“ Зашто кога некој сам себеси се фали, тоа не е вистинска препорака. А кога Господ некого ќе пофали, таквиот навистина е достоен.