Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 20:22-28

2 Летописи 20:22-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога почнаа да воскликнуваат и да Му пеат славопои, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моав­ците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонците и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други. И кога Јудејците дојдоа на ридот кај пустината и го видоа она множество, а таму – трупови, испру­жени по земјата, и никој не се беше спасил. Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен и најдоа кај нив при­лично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој! А на четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Емек Бераха – Долина на благословот и до денес. Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафат, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни. И дојдоа во Ерусалим со харфи, лири и труби пред домот Господов.

2 Летописи 20:22-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога почнаа да воскликнуваат и да слават, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени. Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија. Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси. Тогаш Јосафат дојде со народот за да го собере пленот, и најдоа многу: секакво богатство, облеки и скапоцени предмети; се награбија толку што не можеа веќе да носат; три дни го грабаа пленот, зашто го имаше многу. Во четвртиот ден се собраа во Долината на Благословот: таму Го фалеа Господа, па затоа тоа место беше наречено Емек Берака, Долина на Благослов, до денес. Потоа сите Јудејци и Ерусалимци, со Јосафата на чело, се свртија за да се вратат во Ерусалим со веселба, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели. Дојдоа во Ерусалим со псалтири, со гуслиња и со труби во Господовиот Дом.