2 Летописи 20:1-30
2 Летописи 20:1-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа Моавците и Амонците, а со нив и некои од земјата маонска, појдоа во војна против Јосафат. Дојдоа и му јавија на Јосафат, велејќи: „Против тебе доаѓа големо множество народ од преку море, од Едом, и веќе се во Хацецон-Тамара, односно во Ен-Геди.“ Јосафат се уплаши и го сврте лицето свое и Го побара Господа и објави пост во цела Јудеја. Се собраа Јудејци да молат за помош од Господ; дојдоа да Го молат Господа од сите Јудини градови. И застана Јосафат во собранието на Јудејците и на ерусалимците во Домот Господов, пред новиот трем, и рече: „Господи, Боже на предците наши! Не си ли Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите; и во Твојата рака е силата и цврстината, и никој не може да застане против Тебе! Нели Ти, Боже наш, ги истера жителите на оваа земја, пред лицето на Твојот народ Израел и му ја даде засекогаш на потомството на Авраам, Твојот пријател? Тие се населија во неа и Ти изградија во неа светилиште за Твоето име, велејќи: ‚ако дојде врз нас неволја: меч погубен, или помор, или глад, ќе застанеме пред овој дом и пред Твоето лице, зашто името Твое е во тој дом; и во маките свои ќе повикаме кон Тебе, и ти ќе нѐ чуеш и ќе нѐ избавиш.‘ А гледај, Амонците и Моавците и жителите на гората Сеир, чии земји не дозволи да ги нападнат Израелците, кога доаѓаа од египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа, тие пак сега ни возвраќаат со лошо, доаѓајќи да нѐ истераат од Твојот посед, што си ни го дал да го наследиме. Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало, и не знаеме што да правиме; но очите ни се кон Тебе.“ Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни. Тогаш Духот Господов слезе среде собранието врз Јахазиел, синот на Захарија, син Бенаев, син Јеиелов, син Матаниев, левит од Асафовите синови. И рече: „Чујте сите Јудејци и жители ерусалимски, и ти, царе Јосафате! Вака ви вели Господ ваш: Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја. Излезете утре против нив: ете, тие ќе се искачуваат по ридот Циц, вие ќе ги најдете на крајот на долината, спрема пустината Јеруел. Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господ, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас!“ Јосафат се поклони со лицето до земја, и сите Јудејци и жители ерусалимски паднаа пред Господ, за да Му се поклонат. А левитите од синовите Каатови и од синовите Корееви почнаа да Го слават Господ, Бог Израелов, со многу висок глас. Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустина, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: „Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.“ Потоа се посоветува со народот и постави пејачи пред Господ, кои со свечени облеки, одејќи пред војската, ќе ја слават светоста Негова и ќе велат: „Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!“ И кога почнаа да воскликнуваат и да Му пеат славопои, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонците и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други. И кога Јудејците дојдоа на ридот кај пустината и го видоа она множество, а таму – трупови, испружени по земјата, и никој не се беше спасил. Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен и најдоа кај нив прилично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој! А на четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Емек Бераха – Долина на благословот и до денес. Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафат, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни. И дојдоа во Ерусалим со харфи, лири и труби пред домот Господов. И страв Божји навлезе кај сите царства земни, кога слушнаа дека Сам Господ војувал против непријателите на Израел. И царството Јосафатово се успокои; Господ му даде мир од сите страни.
2 Летописи 20:1-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа Моавовите и Амоновите синови, а со нив и некои од Меунците, завојуваа против Јосафат. Ама Јосафат ја доби оваа вест: „Против тебе доаѓа големо мноштво од онаа страна на морето, од Едом; и ене го во Асасон Тамара, односно во Ен Гад.“ Јосафат се исплаши и почна да Го бара Господа, та прогласи пост по сета Јудеја. Јудејците се собраа да Го бараат Господа: доаѓаа од сите јудејски градови за да Го бараат. Тогаш Јосафат стана во јудејскиот собор во Ерусалим, во Господовиот Дом, пред новиот двор, и рече: „Господи, Боже на нашите татковци, Ти си Бог на небото и владееш над сите кривобожечки царства. Во Твојата рака се таква сила и јачина така што никој не може да се додржи пред Тебе. Ти, о Боже наш, ги истера жителите на оваа земја пред Својот Израелски народ и му ја даде засекогаш на потомството на Својот пријател Авраам; и се населија во неа и Му изградија во неа Светилиште на Твоето Име, велејќи: ’Кога ќе навали врз нас некакво зло, одмазднички меч или помор, или глад, та кога ќе застанеме пред овој Дом и пред Тебе, зашто Твоето Име е во овој Дом, и кога ќе извикаме кон Тебе во својата неволја, послушај нѐ и спаси нѐ.’ Еве, сега Амоновите и Моавовите синови, и оние од Сирската Гора, преку кои не му дозволи на Израел да помине кога доаѓаше од Египетската Земја, туку ги заобиколи и не ги сотре - и така, сега тие ни враќаат со зло доаѓајки да нѐ истераат од наследството кое Ти ни го даде. О Боже, зар нема да им судиш? Зашто во нас нема сила спрема тоа големо мноштво кое доаѓа на нас, ниту ние знаеме што да правиме, туку очите ни се насочени во Тебе.“ Сите Јудејци стоеја пред Господа, со малите деца, со жените и со синовите. Тогаш Господовиот Дух слезе сред соборот - на Јазил, синот Захариев, син на Венај, син на Јеил, син на Матаниј - Левит од Асафовите синови. Тој рече: „Слушајте, сите Јудејци, Ерусалимци и ти цару Јосафате! Господ ви зборува вака: ‘Не бојте се и не плашете се од тоа големо мноштво, зашто ова не е ваша војна, туку Божја. Утре слезете против нив; тие ќе се искачуваат по Асиската Нагорница, а вие ќе ги сретнете на крајот на долината кон Јеруилската Пустина. Не треба да се биете; поставете се, стојте па гледајте како ќе ви помогне Господ.’ Еј Јудо и Ерусалиме, не бојте се и не плашете се; утре излезете пред нив, и Господ ќе биде со вас!“ Тогаш Јосафат падна ничкум на земјата, и сите Јудејци и Ерусалимци паднаа пред Господа за да Му се поклонат. Потоа левитите од Катовите синови и од Кореевите синови станаа и почнаа да Го фалат со сиот глас Господа, Израелевиот Бог. Поранија наутро и тргнаа кон пустината Текуј; кога излегуваа, Јосафат застана и рече: „Чујте ме, еј Јудејци и Ерусалимци, надевајте се во Господа својот Бог, и ќе се оддржите; надевајте се во Неговите пророци и ќе успеете!“ Потоа се посоветува со народот и ги постави Господовите пејачи и фалители, кои ќе ја слават Неговата светост и ќе одат пред вооружените чети и ќе пеат: „Славете Го Господа зашто е вечна Неговата љубов!“ Кога почнаа да воскликнуваат и да слават, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени. Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија. Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси. Тогаш Јосафат дојде со народот за да го собере пленот, и најдоа многу: секакво богатство, облеки и скапоцени предмети; се награбија толку што не можеа веќе да носат; три дни го грабаа пленот, зашто го имаше многу. Во четвртиот ден се собраа во Долината на Благословот: таму Го фалеа Господа, па затоа тоа место беше наречено Емек Берака, Долина на Благослов, до денес. Потоа сите Јудејци и Ерусалимци, со Јосафата на чело, се свртија за да се вратат во Ерусалим со веселба, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели. Дојдоа во Ерусалим со псалтири, со гуслиња и со труби во Господовиот Дом. А Божјиот страв влезе во сите земни царства кога чуја дека Господ завојува против Израелевите непријатели. Така се смири Јосафатовото царство, зашто Бог му даде мир од сите страни.