Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Тимотеј 6:6-16

1 Тимотеј 6:6-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш. Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме ништо не можеме да понесеме со себе. Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни. Оние што сакаат да бидат богати паѓаат во сите можни искушенија и стапици. Стануваат робови на неразумни и опасни страсти што на крајот ќе ги доведат до питачки стап и целосна пропаст. Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури и од верата скршнаа и си нанесоа многубројни болки. Тимотеј, ти си Божји човек, затоа бегај од тие зла! Труди се да бидеш праведен, побожен, верен, да ги сакаш луѓето, да бидеш трпелив и кроток. Бори се храбро за верата и држи се цврсто за неа, за да добиеш вечен живот. Токму за тоа Бог те одбра и ти веќе пред многу луѓе даде исклучително добро сведоштво! Пред Бог, Кој му дава живот на се што постои, и пред Исус Христос, Кој даде добро сведоштво пред Понтиј Пилат, те задолжувам беспрекорно да се придржуваш до сите заповеди, та никој да не може да ти најде мана, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Бог е нашиот единствен Владетел, Цар на царевите и Господар на господарите. Во определеното време Тој пак ќе Го испрати Исус Христос кај нас. Само Бог е бесмртен. Тој живее во светлина во која никој не може да Му пријде! Човечко око не Го видело, ниту може да Го види. Сета почит и власт Му припаѓаат Нему. Амин!

1 Тимотеј 6:6-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себе. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни. А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на што некои му се пре­да­доа, се отклонија од верата и си на­вле­коа многу маки. Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведноста, побожноста, верата, љубовта, трпеливоста и кротоста! Бори се со добриот подвиг на верата; освој го вечниот живот за кој си и повикан и си дал добра потврда пред многу сведоци. Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Христос Исус, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат, да ја запазиш заповедта чиста и бес­прекорна сѐ до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, кое, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие блажениот и единствен Вла­де­тел, Цар над царевите и Господар над господарите, Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го ви­ди. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин!

1 Тимотеј 6:6-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Побожноста и е голема печалба кога е здружена со чувство на задоволство. Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто. А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа! А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение, во стапица и во многу неразумни и штетни желби, што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел, зашто среброљубието е корен на секакви зла; некои му се предадоа, се отстранија од верата и се прободија себеси со многу болки. А ти, Божји човеку, бегај од сѐ тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост! Бори се во добрата борба на верата, зграби го вечниот живот, за кој си повикан, и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци! Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сѐ и пред Христа Исуса, Кој пред Понтие Пилат ја посведочи добрата исповед, да ја пазиш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос, кое - во свое време, ќе Го открие блажениот и единствениот Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите; Кој единствено има бесмртност, живеејќи во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин!

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност