Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Тимотеј 3:1-13

1 Тимотеј 3:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Точно е дека кога некој сака да биде водач на црква, посакува многу возвишена работа. Затоа, за да биде човек водач на црква мора да биде без пороци, да и биде верен на својата сопруга, да биде воздржан, разумен, со добар углед, гостољубив и способен да поучува. Не смее да се опива, ниту да врши насилства. Треба да биде трпелив, да не е склон кон расправии и да не биде алчен за пари. Треба да биде добар домаќин, а неговите деца треба да го слушаат и да го почитуваат. Ако тој не умее да го води сопственото домаќинство, како тогаш ќе се грижи за Божјата црква!? Тој не смее да биде новообратен, за да не стане горделив и да ја направи истата грешка што ја направи и Ѓаволот. Тој треба да ужива добар углед и кај луѓето што не и припаѓаат на црквата. Во спротивно, тој може да падне во стапицата на Ѓаволот и да се посрамоти. Истото важи и за ѓаконите во црквата. Тие мора да бидат сериозни и чесни луѓе, да не лажат, да не се опиваат и да не бидат алчни за пари. Мора да имаат чиста совест и цврсто да се држат до начелата на христијанската вера кои сега ни се откриени. Пред да бидат назначени за ѓакони, тие треба да се докажат како луѓе без пороци. Исто така и нивните жени треба да бидат сериозни. Не треба да се занимаваат со озборување, не треба да бидат избувливи, туку треба да бидат верни во секој поглед. Секој ѓакон треба да и биде верен на својата сопруга, добро да си ги воспитува децата и добро да го води сопственото домаќинство. Тие што добро ги извршуваат ѓаконските должности во црквата треба да бидат наградени со почит и доверба како верни следбеници на Исус Христос.

1 Тимотеј 3:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра ра­бота. Епископот треба да е непорочен, маж само на една жена, разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува; не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и не среброљубив; својата куќа добро да ја управува и да ги држи чедата во послушност со се­та сериозност. Зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја? Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и да падне под осуда, како ѓа­волот. Тој треба уште да има и добар углед кај надворешните за да не биде укоруван и да не падне во стапицата на ѓа­волот. Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не дволични, да не се страсни за вино, ниту алчни за гнасна печалба; да ја пазат тајната на верата со чиста совест. И тие треба најнапред да бидат ис­питани, та после, ако се непорочни, да станат служители. Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ. Ѓаконите треба да бидат мажи на една жена, добро да управуваат со децата свои и куќата своја. Зашто оние што служат добро како ѓакони, се здобиваат со угледна по­лож­ба и голема смелост во верата што ја имаат во Исус Христос.

1 Тимотеј 3:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Верно е словото: кој ревнува за епископство, добра служба посакува. Според тоа, епископот треба да биде: непорочен, маж на една жена, трезвен, разумен, пристоен, гостољубив, способен за поучување; не пијаница, не жесток, не лаком, туку благороден, не наклонет на препирка, не среброљубец, кој управува добро со својот дом и има покорни деца со сета честитост, зашто ако не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјата црква? - Да не е новообратен, за да не се возгордее и да падне во осудата на ѓаволот! А треба да има и добро сведоштво и од надворешните, за да не падне во прекорување и во стапица на ѓаволот. Исто така, ѓаконите треба да бидат чесни, не двојазични, да не сакаат многу вино, не лакоми на срамна печалба - кои ја пазат тајната на верата со чиста совест. И тие прво да бидат испитани, и после да ја вршат службата ако се непорочни. Исто така жените нивни треба да бидат чесни, да не клеветат; трезвени и верни во сѐ. Ѓаконите да бидат мажи на една жена, кои управуваат добро со своите деца и со своите домови, зашто оние, кои ја извршиле добро својата служба добиваат чесна положба и голема смелост во верата во Христа Исуса.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност