1 Тимотеј 1:12-17
1 Тимотеј 1:12-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Благодарен сум Му на нашиот Господ Исус Христос, Кој сметаше дека може да има доверба во мене и ми даде сила да ја вршам оваа работа. Јас зборував навредливи нешта за Него, безобѕирно ги прогонував Неговите следбеници, но Тој се смилува над мене, зашто знаеше дека тоа се случуваше пред да поверувам и не бев свесен што правам. Каква огромна благонаклоност покажа нашиот Господ спрема мене! Целосно ме исполни со вера и љубов каква што има Исус Христос. „Исус Христос дојде на овој свет за да ги спаси грешните.“ Оваа вистина сите треба да ја прифатиме со целосна доверба. Јас сум најголемиот грешник од сите! Но токму заради тоа Бог се смилува над мене и преку мојот пример покажа колку Исус Христос е трпелив со нас грешните. Така и други луѓе ќе сфатат дека и тие можат да поверуваат во Него и да добијат вечен живот. На вечниот Цар, бесмртен и невидлив, на единствениот Бог, да Му оддадеме слава и почит за вечни времиња! Амин.
1 Тимотеј 1:12-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Му благодарам на Христос Исус, нашиот Господ, Кој ми даде сили, зашто сметаше дека заслужувам доверба, кога мене ме постави на служба, мене, кој порано бев хулител, гонител и насилник; но ме помилува, бидејќи тоа го правев без да знам, во неверие. Но заедно со верата и љубовта во Христос Исус изобилуваше и благодатта на нашиот Господ. Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас. Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние кои ќе поверуваат во Него за живот вечен. А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен Премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин!
1 Тимотеј 1:12-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сила за тоа, зашто ме сметаше верен и ме постави на служба, мене, кој порано бев хулител, и гонител, и насилник. Но добив милост, зашто го правев тоа од незнаење и неверување. А благодатта на нашиот Господ, со верата и љубовта изобилуваше во Христа Исуса. Верно е словото и достојно - за полно примање: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, од кои сум прв јас. А добив милост токму затоа, за да ја покаже Христос Исус, прво во мене, сета своја трпеливост, за пример на оние, кои ќе веруваат во Него за вечен живот. На Царот на вековите - бесмртниот, невидливиот, единствениот Бог - чест и слава во сите векови Амин!