1 Солуњаните 4:13-18
1 Солуњаните 4:13-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус. Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите. Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.
1 Солуњаните 4:13-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тажите како и другите, што немаат надеж. Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него. Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ. Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови.
1 Солуњаните 4:13-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж. Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него. Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.